Кликнете за да го прочитате информацијата во дневниот печат
140 години од смртта на Константин и Димитрија Миладинови
Јованка Стојановска Друговац
Институт за македонска литература, Скопје,2004
КОНСТАНТИН И ДИМИТРИЈА МИЛАДИНОВЦИ
Почитувани дами и господа
Почитувани академици
Почитувани колеги, учсници на овој научен симпозиум
2оо1 година е година во која македонската научна јавност, македонската литература, култура и македонската литературна историја одбележаа и со восхит и чест прославиа значаен датум , голем јубилеј поврзан за дејноста на струшките браќа Константин и Димитрија Миладиновци, 140 години од објавувањето на Зборникот на народни песни.
Институтот за македонска литература заедно со МАНУ на 22 јуни 2001 година, во МАНУ одржа научен собир во чест на златната книга, на книга над книгите .Минатата година во Охрид , Семинарот за македонски јазик, литература и култура една од своите литературни сесии посвети на ова Евангелие.
Имено, доклоку постојат дела кои треба да бидат сочувани и обвиткани со златни корици , меѓу нив, секако би била оваа чудесна антологија со сиот нејзин лирски оддел кој е блескотен и чист уметнички триумф, триумф на македонската народна песна. Зборникот на Миладиновци е пантеон на нашата духовно-културна креативност, наша реликвија, круна на културната преродбенска активност на Константин и Димитрија, сведоштво за книжевната традиција, сведоштво и доказ за богатството на нашето народно творештво. Зборникот, или почеток на сите наши почетоци е поврзан за нашата Преродба, за будењето и осознавањето на националната свест. Академик Старделов вели: Со Зборникот сме всидрени во својата сопствена традиција. Затоа и може да се рече дека со Зборникот и со Миладиновци го добиваме целокупниот наш систем на нашето автохтоно чувствување, мислење и пеење.Ништо чудно, затоа, зашто Зборникот не е само зборник на нашата народна поезија, на што често се сведува, туку и зборник на нашиот целокупен етос и на нашата етнографија (...) што значи дека Зборникот ја содржи во себе сета наша национална митологија.
Денес, Институтот за македонска литература, одново оддава почит кон ова дело и кон делото и животот на браќата Миладиновци, а во чест на големиот јубилеј - 140 години од нивната смрт.Преку овој научен собир Институтот за македонска литература ги обедини научните работници од Институтот, Филолошкиот факултет, Институтот за фолклор,Институтот за македонски јазик, МАНУ се со цел да го потврдиме значајот , уделот и вредноста на Константин и Димитрија кои го имаат во македонската литература и литературната наука.
Македонската книжевна наука и македонската книжевна историја како и секоја национална литература има свои епохи и личности кои ги одбележаа тие епохи/тоа време. Секако, за животот и делото на Константин Миладинов можеме да зборуваме одделно, но сепак, поаѓајќи од фактот дека тој живот и тоа дело е толку преплетено со животот на Димитрија и со многумина дејци од тоа време ќе се обидеме да направиме еден пресек на тоа време и нивниит удел во него.
Во македонската наука, националната култура, познат е и истакнат е фактот за значењето на македонската преродба и нејзините претставници (Димитрија Миладинов, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Партениј Зографски, Григор Прличев, Кузман Шапкарев) кои преку своите дела и преку својата дејност (поединачно и заедно) извршиа силни влијанија на македонската литературна историја. Несомнено е и пресудно влијанието на дејноста на браќата Миладиновци и нивниот Зборник на народни песни.
Во македонската наука е прифатен и искажаниот став и фактот дека доклоку постојат дела кои треба да бидат сочувани и обвиткани со златни корици , меѓу нив, секако би била чудесната антологија со сиот нејзин лирски оддел кој е блескотен и чист уметнички триумф, триумф на македонската народна песна. Според овој став, Зборникот на Миладиновци е пантеон на нашата духовно-културна креативност, наша реликвија, круна на културната преродбенска активност на Константин и Димитрија, сведоштво за книжевната традиција, сведоштво и доказ за богатството на нашето народно творештво. Зборникот, или почеток на сите наши почетоци е поврзан за нашата Преродба, за будењето и осознавањето на националната свест. Академик Георги Старделов вели: “Со Зборникот сме всидрени во својата сопствена традиција. Затоа и може да се рече дека со Зборникот и со Миладиновци го добиваме целокупниот наш систем на нашето автохтоно чувствување мислење и пеење. Ништо чудно, затоа, зашто Зборникот не е само зборник на нашата народна поезија, на што често се сведува, туку и зборник на нашиот целокупен етос и на нашата етнографија (...) што значи дека Зборникот ја содржи во себе сета наша национална митологија”.
Познати се заложбите на Димитар Миладинов во Македонија во организирањето и предводувањето на преродбенската борба за национално и културно будење на македонскиот народ. Упадлив е фактот дека од оние луѓе во средината на минатиот век што оставија име во културната историја на нашиот народ , речиси сите биле ученици на Димитрија Миладинов или во неговиот круг. Тоа се Рајко Жинзифов, Партеније Зографски, Григор Прличев, Кузман Шапкарев.(Б.Конески). Првите сеќавања за Миладиновци ги напиша Жинзифов во Русија во 1862г. Воедно тоа е и прва биографија за Миладиновци од перото на Македонец. Овие сеќавања се објавени во сп.”Ден”, во Москва од 17.11-1.12.1862 г.под псевдоним Велешанин. Сеќавања за Димитрија Миладинов напишаа и Рачински, Јужаков, Шапкарев, Андорник Јосифчев, Наум Миладинов кој е еден од шесте синови на Султана и Ристе Миладинови, близок соработник на Димитрија, учител, општественик, мелограф, автор на две книги, но во сенка на своите големи браќа. Според Жинзифов, биографот на Миладоновци и нивен пријател, Димитрија е голем патриот а Константин , нашиот основоположник на македонската уметничка поезија, според Б.Конески е прв претходник на создателите на современата наша поезија. Константин ги напиша своите песни на чист народен јазик од струшкиот крај. Всушност, тој негов јазик е денешната книжевна норма на Македонците.
Константин, најмладиот брат во семејството, од својот постар брат го добил своето основно образование, ученик е во Јанина, учител во Трново, студент во Атина во 1849 г. каде на Филозофскиот факултет е заведен под.бр.835 и каде е студент во исто време кога и Прличев, учител во Магарево по престојот во манастирот Зограф, студент на Историско филолошкиот факултет во Москва (1857) овој вреден деец и поет, ни остави мал поетски опус, скромен по обем и по својата уметничка вредност, но сепак, неизмерно голем, дело кое ги обврзува генерациите да го почитуваат и паметат. Константин е автор на 1 превод, 1 научен прилог, 1 предговор. Константин испеа 15 песни и е првиот вистински македонски поет. Од скромност или не, Константин своите песни ги потпишувал со своето презиме и тоа му било сосема доволно со него да ги обележи. Но, со тоа создаде забуни во науката околу авторството на припадноста на неговото поетско дело. Тга за Југ, Грк владика на болгариште, На чуждина ...се негови песни. Повеќето испеани во Русија а сите под влијанието на народната песна им ги остави како во аманет на сите оние кои угледуваа на него и, на сите нам и сите по нас кои ќе го истражуваат и пред се почитуваат Константиновото поетско дело. И не само поетско. Во делото По трагите на подвигот на Миладиновци објавено во 1962 г. што значи пред повеќе од 40 години , Митрев рече: “Со сета своја поезија Константин Миладинов укажа на сето најкарактеристично и за развојноста на подоцнежните наши поети . Тој почна со непосредно , па и подражателно угледување на народната поезија, црпејќи и од нејзиниот дух и од нејзината изразност, за да премине и кон стихови и песни со поопределена индивидуална означеност, забележувајќи го своето - значајно и за денешни ценители на поетското - врвно достигање во целосниот успех на Тага за југ, без да биде до крај ослободен од својот единствен поетски првообразец”. Песната Тга за југ и ден денешен, толку години по ставот на Митрев е песна без која едноставно не може да се замисли македонското поетско творештво, македонската поезија, историјата на македонската литература. Во Тга з”а југ се втемелени сите поетови чувства, сета љубов која, човек може да ја има/чувствува кон својата земја, каде и да се наоѓа, колку оддалечен да е од неа. Таа е неповторлива и неповторена химна на (за) сопствената земја. Само човек кој имал вакви чувства можел да направи подвиг за својот народ и татковината, да остави зад себе дел од себе. Уште нешто, многу значајно! Со “Тга за југ” почна а со песната “Бели мугри”, бисерот на Рацин заврши етапата на една стилска формација низ која се создадоа песните на Џинот, Цепенков, Спространов, Чернодрински, Стефанов, Јовков, Неделковски, Мајски, Брадина, Миленски, Вапцаров...до оние на Шопов, Јаневски, Конески. Тоа значи дека “Тга за југ”, во себе носи и рефлектира повеќе значења, повеќе вредности, влијанија во однос на севкупната наша литература од различните нејзини периоди. Инаку, како што веќе укажавме, повеќето или поточно речено, најголемиот дел од поетското творештво Константин го создал во Москва, каде освен тоа што е студент, учествува во кружокот на јужнословенските студенти - питомци на Московскиот благотворителен комитет за да заедно со 20г. постариот брат Димитрија го држат и првото место во историјата на македонската преродбенска книжевност. (Х.Поленаковиќ).
Во интелектуалната средина во Русија Константин ги прифаќаше преродбенските идеи. Во Москва ги прифати народните умотворби собрани и до него испратени од неговиот брат,но не најде издавач во Москва туку во Виена. Имено, Јосип Јурај Штросмаер, хрватски бискуп, мецена и голем словенофил финансиски го потпомогна печатењето на Зборникот. Пред неговото печатење во загребачкиот весник “Народне новине” од 18 јануари 1861 година е објавен “Оглас” од кого дознаваме за собирачката дејност на Миладиновци како и за нивната желба да објават единаесет хороводни песни со ноти. Благодарение на помошта на Штросмаер, во Загреб на 24 јуни 1861 година е отпечатено нашето евангелие.
Со објавувањето на Зборникот на јавноста е претставен , презентиран импозантен број на македонски народни умотворби: 660 народни песни, преданија, пословици, гатанки, свадбени и годишни обичаи, детски игри, имиња, презимиња.. запишани во Прилеп, Велес, Охрид, Струга, Костур, Битола, Кукуш. Со сиот овој корпус Зборникот е доказ за огромното и неисцрпното богатство на македонската народна култура и уметност. Преку него ја чувствуваме душата на македонскиот народ, неговите стремежи и верувања. Зборникот е и камен темелник на културната историја на Македонците и неоспорен поетски документ на нивната национална самобитност .(Т. Саздов). Исто така, Зборникот одигра огромно влијание и предизвика огромен поттик кај дејците од тоа време и тој век: Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Крсте Мисирков, но и подоцна кај Кочо Рацин, Коле Неделковски за да влијанието биде силно и по ослободувањето низ делата на Славко Јаневски, Блаже Конески и многумина други наши дејци да ги бележат, собираат , публикуваат и пишуваат под влијание на народните песни. По својата вредност умотворбите од Зборникот се рамни на благо со кое не може да се пофали секој народ и секоја култура и литература. Затоа, нималку случајно, Зборникот предизвика особен и несомнен интерес и го сврте вниманието и вон границите на Македонија. За него се зборуваше во научните гругови, најмногу во словенските земји и затоа некако природно оделни негови текстови беа преведени кај Русите, Чесите, Словаците, Полјаците, Хрватите. Со изворноста, оригиналноста и разновидноста на текстовите што ги содржи, со нивната висока уметничка поетска вредност илустративно е покажан народниот гениј кај Македонците.
Освен наведените народни умотворби, Зборникот содржи Предговор напишан од Константин Миладинов, посветен на оној кој го овозможи неговото објавување - на Штросмаер. Со овој Предговор Константин влегува во аналите на историјата на македонската народна книжевност. Имено, Предговорот е прв од таков вид во историјата на македонската народна книжевност. Во него Константин ги изнесува сопствените погледи врз народното поетско творештво, класификацијата на песните во Зборникот, јазикот и правописот, метриката и долготрајната поетска традиција во Македонија. На крајот на Зборникот даден е Речник на помалку познати јазични термини што се среќаваат во македонските народни умотворби.
Со појавувањето на Зборникот- тоа општо полезно сокровиште , како што Константин го нарече, “почнува зголемениот препород на македонскиот народ, дотогаш сеуште недоволно изразен и необјаснет”- вели Пенушлиски. И затоа, не постои дело кое може да се спореди со ова дело на Миладиновци, бидејќи ниедно дело не извршило толкаво влијание на препородот на македонскиот народ. Зборникот на македонските народни умотворби е потврда за животот на македонскиот народ и неговата поетска дарба, капитално дело, највредното што ни го оставиле храбрите Димитрија и Константин. Димитар Митрев смета: “Зборникот од народни песни , значеше многу за времето на својата појава, а сосема вистинито: многу повеќе за времето на идните времиња и за времето на сегашноста”. Митрев и многумина проучувачи и почитувачи на делото на Миладиновци меѓу кои Х.Поленаковиќ, К.Пенушлиски, Т.Саздов, Г.Тодоровски, Г.Старделов, Б.Ристовски, Т.Димитровски, Т.Стаматовски,Г.Сталев, А.Вангелов високо го вреднуваат и со голема почит пишуваат за Зборникот на македонски народни умотворби, тој наш велелепен поетски учебник, а пишувајќи за Зборникот го осветлуваат и времето и делото на Миладиновци. Но, секако, мораме да истакнеме дека за браќата Миладиновци не се произнела само македонската научна јавност туку и проучувачите на македонската литература вон границите на Македонија, научните работници од другите научни центри / на пр. Проф. Др. Г. Калоѓера „Легенда и збиља„/.
Пред 140 години Димитрија Миладинов рече: Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод.
Плодовите на браќата Миладиновци се содржани во самиот Зборник, но и во нивниот животен и севкупен творечки пат кој претставува прекрасна симбиоза на нивното физичко и духовно постоење чија водечка инспиративна константа е љубовта кон татковината и својот народ. Физички оддалечени еден од друг со илјадници километри , но духовно сплотени со заедничките заложби, браќата Миладиновци ги впрегнуваат сите свои усилби за да ја заорат длабоката бразда на македонската културно-просветна и национално -политичка раздвижба. Така Димитрија едновремено ќе води жестока битка против перфидноста на грчкото фанариотско свештенство, настојувајќи грчевито да го воведе народниот јазик во училиштата.(Т.Тодоровски) А, во делото на Константин го препознаваме почетокот на новата македонска поезија. Академик Тодоровски рече: “Константин е основоположник, зачетник, родоначалник, затемелувач на македонската поетска уметност. Тој е алфа, тој е првата буква на нашиот културен новозбор бликнат небаре крик на новороденче среде глувотијата на долгата и наложена кутурна пасива”.
Штросмаер пак, токлу одамна истакна дека Миладиновци со своето дело и со својот подвиг го забрзаа времето. Зборникот, тој богат поетски вруток , тој премин од фолклорот кон литературата е жива органска врска со уметничката литература, книга од која може да се учи народниот јазик, историјата и неговиот дух. (акад.Тодоровски) Самата појава на оваа утринска песна на Македонската преродба всушност претставува врв, круна на севкупната дејност на Димитрија, книга за која идеен потик му дал В.И. Григорович во текот на неговата посета во Македонија од 8-12 мај 1845г. во времето кога претстојувал и во куќата на Миладиновци. Самиот чин на објавувањето на Зборникот е голем , важен, епохален и пресуден културен настан, датум директно врзан за забрзаните процеси на утврдувањето на македонскиот национален идентитет. Тоа е кондензирано минато, тоа е резимирано духовно благо , тоа е ризница на народниот јазик и народното мислење.(Г.Тодоровски)
Во овој контекст неминовно е и полезно да се потсетиме и на Автобиографијата на Марко Цепенков во која Димитрија Миладинов му се обраќа на стариот Цепенков -таткото, со зборовите: “Јас сум сторил ниет да типосам една книга со песни и други народни сторенија. За да остане за спомен на нашето потекло, чунки ние све кај туку се грчиме и госпо знаи до крај како ќе бидиме. Ете затоа сакам да зберам и да типосам песни и друзи работи”.
Димитрија, стожерот на македонската преродба под обвинение дека е руски агент и по многу малтрирања низ затворите во Охрид, Битола и Солун на 16-ти февруари 1861 г. е фрлен во Цариградските зандани. При обид да го види и да го избави од рацете на инертното и корумпираното турско правосудство под слично обвинение му се придружува и Константин кон средината на летото, за заеднички да ја дочекаат смртта пред да им биде изречена каква и да е пресуда. Константин умира на 18-ти јануари 1861 година, а Димитрија четири дена подоцна. (Т.Тодоровски)
“Што сте се исплашиле деца? Една шепа крв е човечкиот живот. За толку ли ќе страхувам? Јас заминувам во сигурна смрт, но нашиот народ нема да умре со мене!”
Тоа беа зборовите на Димитрија Миладинов , негов аманет кон потомството. Скоро век и половина по нивната смрт, поколението ги жнее плодовите на семето што го посејаа браќата Миладиновци и денес , и за навек ќе им ја оддаваме вечната почит и благодарност, зашто наш долг е постојано да ги прошируваме знаењата и сознанијата за нив , зашто со тоа го продлабочуваме своето самопознавање, се приближуваме до себеси.(Гане Тодоровски)
А “делото што го започнаа еднаш Пејчиновиќ, Миладиновци и Жинзифов скршнато еднаш од историската неминовност по друг пат, ќе и се врати на својата матица и ќе најде свои достојни следбеници” - рече Рацин. Тоа се случи. И во тоа, како и во сето досега кажано се состои важноста, значајот, големината, вредноста на делото на Миладиновци, и со сето тоа, заедно, го втемелија своето место во историјата на својот народ и историјата на македонската литература.
И на крајот да резимираме: браќата Миладиновци, “тој поим сложен и слоевит” како што ги именувава Гане Тодоровски, стојат на чело на еден долг и сложен процес - преродба кој почнува од нив а завршува со Мисирков по половина век. Нивна е заслугата што им даруваа први тек на тие процеси на самонаоѓање, низ кои се осмисли и стратегијата на македонската национална истрајба и опстојба. Значајно е за нас нивното свртување кон својата татковина, својот народ, својата судбина. Нашата литературна историска наука , нашата книжевно естетичка мисла го произнесе својот збор во однос на нив. Може да се каже дека од сите писатели на македонскиот 19 век тие се најсестрано проучени благодарејќи им, пред се, на нашите истакнати претставници на литературната наука. Нашите најсакани преродбенски работници, спиритус мовенс на нашата преродба, се бореле со фанариотските владици , турските властодршци, работеле на будењето на македонскиот народ, прибирањето на македонските прогресивни сили за идна вооружена борба против отоманскиот поробувач, работеа на собирање и печатење на народни умотворби, работеа на својата книжевна дејност. Имено, познато е дека по укинувањето на Охридската самостојна архиепископија и укинувањето на Пеќката патријаршија по црквите и школите јазикот на кој се изведува наставата и богослужбата е грчкиот. Со тоа, црквата и училиштата се пропагатори на елинизмот. Грчкиот јазик е јазик и на школувањето на Миладиновци по манастирските школи ( Константин и универзитетот во Атина го заврши на грчки јазик). Безмалку, 20 години, Димитрија е грчки воспитаник. Мислата за словенската солидарност кај него ја утврдуваат В.И.Григорович, С.Верковиќ, а како резултат созрева мислата за исфрлање на грчкиот јазик од македонските школи и од богослужбата.
Во македонската наука , годината кога Димитрија раскинува со грцизмот се смета 1856 а тоа е она време кога се враќа од Србија , Војводина , Босна и Херцеговина . Оттогаш, тој станува жесток борец против грцизмот, настапува и настанува пресврт во него, огромна промена во однос на јазикот. Почнува со реализирање на своите идеи и својот помлад брат Константин го испраќа на школување во Русија . Оттогаш започнува неговата борба за воведување на македонскиот јазик и започнува борбата за пропагирање на народниот јазик.
Кога денес, од една голема историска , временска дистанца од безмалу век и половина зборуваме за значајот на струшките браќа Димитрија и Константин Миладиновци , историјата и времето не можат ништо да им одземат на овие наши дејци, борци, визионери, напротив, историјата и времето само ги потврдуваат и со восхит го потенцираат нивниот удел , значај и вредност во македонската литературна наука , култура и историја. Неповторливо е нивното дело. Непроценливо е нивното место во оваа наша македонска земја. Токму Миладиновци , поточно Димитрија ја поведе борбата за исфрлање на грчкиот јазик и воведување на македонскиот јазик; потоа, одржувал курсеви; го проценил, оценил и ја знаел важноста , вредноста на македонските народни умотворби и затоа ги собирал со единствена цел да ги објави; Зборникот одигра пресудна улога во поглед на извршеното влијание и даде поттик на идните собирачи на македонските народни умотворби; Зборникот влијаеше, опијуваше , воспитуваше македонски книжевни генерации; Зборникот беше и е поетски учебник; пред величенствениот Прличев да раскине со елинизмот Константин со транскрипцијата на Зборникот од грчка на кирилиска азбука ја поднесува првата верзија на македонскиот правопис; Димитрија, централната фигура на македонската преродба , најгласовитиот, најавторитетниот , најдинамичниот македонски интелектуалец од средината на 19 век не е само борец, народен будител, туку и публицист, поет, педагог, преведувач, епистолограф, андролог, општественик, визионер, најдобар познавач на својата земја од на време.
И на крајот, да се потсетиме на зборовите на Блаже Конески Некој од старите рекол дека и книгите имаат своја судбина. И навистина не згрешил. Само некои книги влегуваат во она што можеме да го наречеме златен фонд на една литература. “(..)
Во тој фонд, покрај бројни значајни дела спаѓа и Зборникот на Миладиновци, а во него или, тој е исткаен од нивниот живот и сета нивна преродбенска дејност. Во тој фонд втаено е и поетското дело на Константин со сето она што тоа по себе го претставува и со сето она што во себе го содржи.
Литература:
- Гане Тодоровски: Македонска книжевност во 19 век, Наша книга, Скопје,1990.
- Константин Миладинов, избор, избор и предговор Гане Тодоровски, Мисла, Скопје,1980.
- Харалампие Поленаковиќ: Во екот на народното будење, Македонска книга,Скопје, 1989.
- Рајко Жинзифов: Одбрани творби, приредил Гане Тодоровски, Мисла, Скопје,1981.
- Харалампие Полемнаковиќ: Белешки за кирилометодиевото прашање кај Македонците во 19 век, Гласник на Институтот за национална историја, Скопје, 1963,год.7,кн.1.
- Блаже Конески: Кон македонската преродба,Скопје, 1959.
- Блаже Конески: Собрани дела, Македонска книга, Скопје, 1987.
- Блаже Конески: За литературата и културата, Култура, Скопје,1981.
- Види: Константин Миладинов: Поезија, читање на Блаже Конески, Мисла, Скопје, 1989.
- Димитар Митрев: Минато и литература, Наша книга, Скопје,1970.
- Димитар Митрев: Есеји и критике, Народна књига, Београд, 1975.
- Георги Старделов: Ангелус новус или подготовка за лет, Култура, Скопје,2004.
- Блаже Ристовски: Портрети и процеси од македонската литературнаи национална историја, Култура, Скопје, 1989.
- Блаже Ристовски: Македонскиот летопис, Македонска книга, Скопје, 199
- Миодраг Друговац: Историја на македонската книжевност 20 век, Мисла, Скопје, 1990.
- Александар Спасов: За македонската литература, Скопје, 1969.
- Александар Спасов: Истражувања и коментари, Култура, Скопје, 1977.
- Александар Спасов: Фолклорни материјали на Миладиновци објавени во Братски труд и Блгарски книжници, Македонски јазик, Скопје,1952,бр.1-2.
- Јованка Друговац: Моја земја, Институт за македонска литература, Скопје, 2004.
- Зборникот на Миладиновци, МАНУ, Скопје,2001.
- Зборник: Сто дваесет и пет години од смртта на Партениј Зографски, Институт за македонска литература, Скопје, 2001, приредил: д-р Јованка Друговац.
Почитувани
Од името на Организациониот одбор на научниот симпозиум во чест големиот јубилеј поврзан за браќата Миладиновци 140 години од нивната смрт, Ви благодарам на присуството и на учеството со што им оддадовме почит на струшките браќа и на нивното дело во целост и, секако на нивниот и наш Зборник на народни умотворби.
Блаже Конески има запишано: „Некој од старите рекол дека и книгите имаат своја судбина. И навистина не згрешил. Само некои книги влегуваат во она што можеме да го наречеме златен фонд на една литература. (..)
За Македонецот денеска нешто значи кога ќе се спомене само насловот „Сердарот„, или насловот „За македонцките работи„, или насловот „Бели мугри„. Кон тие дела се придружува , во златниот фонд на македонската литература и „Зборникот„ на Миладиновци.
Ви благодарам,
д-р Јованка Стојановска-Друговац
14.јуни 2002 АРМ, Скопје
