Кликнете за да го прочитате информацијата во дневниот печат
Kоле Неделковски- живот и дело (60 години од cмртта)
Јованка Стојановска Друговац
Институт за македонска литература, Скопје, 2001
Поетот и борецот Коле Неделковски
А сега ајде проштевај,
Земјо на маки векови!
И ја те црна премиав,
Со страдна душа останав!
(“Пеш по светот”, “Песна прва”)
Македонската книжевна историја е историја на трагични животни и творечки судбини. Од Константин Миладинов, Никола Јонков Вапцаров, кој е стрелан, Антон Попов, Коста Рацин, кои паѓаат покосени, Ацо караманов кој загинува на 17 годошна возраст, Мите Богоевски кој во септември 1942 година опколен од бугарските фашисти си го одзема животот, Коле Неделковски кој на 2 септември 1941 година загинува по провалата на македонската диверзантска група, фрлајќи се од мансардата на шесткатницата на ул.„Генерал Пароносов„ бр. 16 во Софија. Тоа се и судбините и на многу други Македонци, кога „крвта, смртта и поезијата творат троединство на нивните животи, без кои како да не се може. Зашто, ако не е така, епохите би останале без очи, историјата би била без душа. А главно, сите беа деца на долните бедни слоеви, селански и работнички. Што ги влечело напред, што ги наполнувало со верба и гордост, со омраза, љубов и херојство? Што етоа, како може да се именува тој феномен, дека имено поетско уметнички души, толку сензибилни, станувале најбескомромисни знаменосци и борци на револуцијата„ 1)
Борец и поет, Коле Неделковски, велешкиот син и син на својата земја, по својата скромност беспримерен, „тих, молчалив, нежен, внатрешно горд, до болка чувствителен; и покрај краткото присуство во литературата „проследено со евидентна револуционерна ангажираност„ (Томе Тодоровски). Неговото „проштално писмо„, неговата песна од 1932 година посветена на неговиот другар го означува зачекорувањето на поетската патека. Следната, 1933 година, Неделковски е во Софија. „Македонецот во него, пишува Митрев, ја созна бргу грешката, Македонецот во него ја изживеа жестоко заблудата. Доброволецот емигрант разбра дека неговите родни браќа во емиграција си имаат создадено друг облик на својот живот и тие му беа туѓи„. 2) Во Софија, Неделковски живее самотен живот. Преку ден е работник декоратер, ноќе тој е поет во туѓина. За поетот и борецот Неделковски, судбинска, пресудна година во неговиот живот и во уметничките копнцепции е 1937 година. Прифатен од МЛК, под силно влијание на Вапцаров, станува пријател на еден рацин и Марковски. МЛК до највисок степен „ја разви свеста и дејноста на македонската творечка интелигенција, токму во неговите пазуви се јавија значајни писатели, новинари, уметници, револуционери„. 3) На состаноците на литературниот кружок, а со особено и посебно ангажирање на Неделковски, разгледувана е па дури и целосно е препишана знаменитата книга „За македонцките работи„ од Мисирков. Никој друг, туку Неделковски нејзе ја пронајде во рафтовите на Софиската народна библиотека. На 26 годишна возраст, во 1938 година, месечното списание на илинденската емигрантска организација почна да ги објавува песните на Неделковски а тој, својата прва стихозбирка посветена на неговата мајка „Молскавици„ ја објави во 1940 година, 12 дена пред трагичната смрт, во 1941 година ја објави втората и последна стихозбирка „Пеш по светот„ посветена на младите македонски борци. Неговите песни се одраз на тажните години. Години на болка, носталгија. Во песните ја чувствуваме таа силна индивидуалистичка , песимистичка нота. Песните се елегии. Лични болки. Незадоволство. Протести. Мачни и мрачни перипетии на песната. Митрев рече:„Сето она барање на тој поет скитник, произлегува од тешките години на еден нерадосен личен живот. Рапавини во стихот, со нестројност во ритамот, макар и со сите белези на почетништво, песните на коле Неделковски привлекуваа со непосредно лирично чувство, со интимно испеаната болка на нерадосен човек„.
Поетското дело на Коле Неделковски, скромно по својот обем и по своите квалитети е наше драгоцено наследство. Преку песната, тој од себе пушта глас, викна песна своја, испеа песна блиска до животот и душата на народот„. Создаде песна, зашто блиски му беа и „Белите мугри„ „Народните бигори„ „Огинот„ „Лулкината песна„ Зборникот на Миладиновци, За македонцките работи, историјата на татковината. Објавувањето на македонските стихозбирки на македонски јазик од Марковски, Рацин, Неделковски го поставија прашањето за македонскиот литературен јазик, а тоа значи и прашањето за македонскиот национален јазик, различен од другите словенски јазици „по стожерот и формата„ како што рече Антон Попов.
Токму во овие прашања лежи драгоценоста на поезијата на Неделковски, а студиите на М. Зафировски, Д. Митрев, Х. Поленаковиќ, Т. Димитровски, В. Наумчевски, Б. Ростовски, А. Алексиев, Р. Пешиќ, М. Ѓурчинов, М. Друговац го потврдуваат вредносниот аспект на поезёијата на Неделковски.
Неоспорно поетскиот јазик на Коле Неделковски доживува извишување во неговата втора и последна стихозбирка „Пеш по светот„ Неоспорно е, исто така, дека „творечкиот развој на Коле Неделковски тече, за оние неколку години јавно поетско творење , по една, мерено со денеши мерила, бавна во постојана нагорна врвица. Прекинат е токму во моментот кога поетот се подготвува за издавање на третата стихозбирка, за што загатнува и на внатрешната страница од првото издание на „Пеш по светот„, пишувајќи дека е тоа само „дел први„.4) И со две стихозбирки, и со скромно поетско дело, поезијата на Коле Неделковски не може да биде ниту заборавена, ниту обесценета. Во „темелите на нашата современа поетска зграда Неделковски има свој дел„ 5) преку песната, тој има што да каже на генерацијата што, како што самиот рече: гореше и изгоре до крај, но преку песната, Коле Неделковски ипрати и порака до поколенијата!
Пеј, о братко, пеј за народ
и му песни бурни дај,
та со моќ да урне сводот
од ропство над роден крај
(„Пеш по светот„: „На поетот„)
Фусноти:
- Миодраг Друговац: Македонската литература (од Мисирков до Рацин), „Просветно дело„ Скопје, 1975, стр.213.
- Димитар Митрев: Творечкиот па на Коле Неделковски, „Нов ден“ Скопје, 1946, бр. 7-8 стр.51-57.
- Блаже Ристовски: Столетија на македонската свест, „Култура„ Скопје, 2001.стр.24
- Коле Неделковски: Собрано дело, јубилејно издание по повод на 40 годишнината од смртта на поетот борец, предговор, коментар, избор и редакција Тодор Димитровски, „Македонска книга„ Култура„ „Мисла„ „Наша книга„ Скопје, 1981, стр.18.
- Избор
Д-р Јованка Друговац
НУБ „Св. Климент Охридски", Скопје, 6 декември 2001
