Ристо Крле (живот и дело)
Јованка Стојановска Друговац
Георги Сталев
Васил Тоциновски
Институт за македонска литература, Скопје,1997
Печалбарската коб во македонсклата литература меѓу двете војни
Печалба
печал и ба, ба и пешал, пукнат тапан и извлеченост,
стоногалка и пат отворен во невиделина.
Те искажале народната песна, Крстиќевиот „Трајан„,
Пановиќ во „Печалбарите„ Крле во „Парите...„
и во „Проштевањето„ Рацин.
Велам: те опишале Крстиќ, Пановиќ и Рацин
да ти покажат стапалките и коби
и во врска со тебе да го претресат светов
и виделинава,
А ти си антистих, антиприказна и антироман
(само си драма)
и, така пославна не стануваш.
Воислав И. Илиќ
Печалбарството е со стотини години најмрачната традиција вкорена во битието на македонскиот народ. Социјалните и економските услови, националната и политичката обесправеност, економската и културната заостанатост и, традицијата, која како коб демнеше над секое машко дете / од неговото раѓање/, го принудија нашиот човек да го напушти огништето. Печалбарите одеа во непознато, соочувајќи се со неправди и искушенија, болести и надежи во подобар живот, носејќи во срцата носталгија за родниот крај. По неколкугодишната исцрпувачка работа, само дел од нив ја имаа среќата повторно да го видат своето огниште, како што и самиот Панов вели: „Сите одат, многумина се враќаат, некој секогаш изостанува„. 1)
И, некако сосема природно, печалбарството со сите свои социјални, културни и традиоционални обележја стана преокупација дури и основна тема во драмите, романите, расказите и во поезијата на македонските автори од тоа време. Тогаш, пишувањето драми според Ал. Алексиев е „ еден вид национална опсесија„. Драми пишуваат и школувани луже и занаетчии и тоа на некој од македонските дијалекти, на српски и бугарски јазик, а има и примери во една драмска творба да се сретне македонскиоот говор и некој од овие јазици.
Според Петар Митропан, во тоа време, печалбарската тема стана центар околу кого се насочуваа напорите на драмските автори. Тоа воопшто не е случајно: пешалбарството е кај нас социјален императив, адет, највпечатливо изразрн во нашата народна песна. Сосема природно и драматуршки функционално во овој вид драма се вклучени изворните печалбарски народни песни. Тие драми се обично „со пеење„ или „музика и пеење„ каква што е драмата Маќедонски печалбари од Томо Смиљаниќ Брадина од 1927 година. Оваа драма која што не доживеа сценска изведба, има две свои обележја: напишана е на српски јазик, но, македонскиот јазик е присутен во поетските илустрации на народните печалбарски песни.
Проблемот на печалбарството, еден од најголемите „проблеми на кршовитата Македонија па дури и на Балканот„ 2) Антон Панов длабоко ја има зафатено и мајсторски обработено во првото и највредното свое дело Печалбари. Преокупиран од мислата на печалбата, Панов „силно збогатен со конкретни сознанија, се прифатил за нејзино литературно оформување. Напоредно со основниот проблем на печалбарењето, во драмата на Панов оди и прашањето за откупнина на невестата. Животните облици на печалбарските краишта се втиснале во секојдневните збивања и станале неизбежни како исконски закони„3) Со Печалбари одново се отвори проблемот на печалбарството во егзистенцијата на народот, со цел да го разјасни според своите миговни можности. А за нив, и за творечките можности на Томо Смиљаниќ Брадина, Слободан Јовановиќ правејќи една, според нас, успешна паралела меѓу овие две драми запиша: „Смиљаниќ и Пановиќ обработуваа два различни вида на печалба. Смиљаниќ го интересира тип на македонскиот млад човек кој оди на печалба под влијание на лошата средина. Покрај тоа, него го интересираше еден несекојдневен тип на македонските печалбари: оној понесен од душевните растргнувања, оние кои го носат повеќе во душата мирот на родните планини. Во некоја рака, тоа е еден мал галички хамлет. Пановиќ тргна од спротивната точка, Него го интересираше тип на млад човек во кој се буди човек, во кој оживуваат личните чувства и порати тоа тој не сака да оди на печалба„. 4
Печалбари на Панов значат прекинување со идеализираниот и романтизираниот пристап на предметот и пресврт во правецот на драмскиот реализам
Во тоа време се јавуваат и дела на други автори, меѓу кои и расказите Вечно дужни, Печалбарева жена, У првој ноќи, Печалбари на Анѓелко Крстиќ. Во нив тој е сликар на животот на печалбарите и на моралниот лик на македонската жена, жена на печалбар. Овој најталентиран македонски автор меѓу двете војни кого многумина го означуваат како творец кој најсериозно и приоѓа на печалбарството сфатено како специфична социјална и економска категорија, во 1932 година во Скопје го објави длабоко социјалниот роман, роман за печалбарите Трајан. Романот е историја на еден печалбарски родослов и потврда на печалбарските патила.
Впрочем, овие писатели: Брадина и Крстиќ, излегувалќи помалку или повеќе од пазувите на својот народ, независно од нивната национална определеност не можеа „да се оглушат од состојбите во која се наоѓаше нивниот народ„. 5)
И по пет години, уште еден од основоположниците на македонската драмска литература напиша дело со оваа тематика. Желбата да напише литературно дело, пред се драмско, кај Ристо Крле постоела уште од времето кога активно учествувал во работата на театарската трупа „Црни Дрим„, но за такво дело долго време немал инспирација. Инспирација ќе му дојде сосема неочекувано. Имено, по завршувањето на воениот рок во 1925та година, тој заминува за Подградец (Албанија) во чевларската работилница на Коли Клими. Токму во овој чевларски дуќан тој ќе ја слушне вистинитата случка за убиството на синот пешалбар. Долги години ќе биде обземен од овој настан и, за среќа на нашата драмска литература ќе го реализира во драмата Парите се отепувачка (1937). Оваа случка и овој мотив е чест во литературите на другите народи. До колку нам ни е познато, освен драмата Недоразбирање од Албер ками која по мотив е многу блиска до пиесата Парите се отепувачка од Ристо Крле, слични проблеми третира и полскиот писател К.Х. Ростворовски во драмата Изненадувања, иако нивните литературни вредности се сосема различни, зашто пооделните автори кон оваа тема пристапувале со нужниот рафинман или како што е во случај со Ками, тој во неа барал аргументи за својата позната теорија на апсурдот. Кај нас пак, истиот овој мотив со извесни модификации го обработува и Васил Иљоски во драмата Чест. 6)
1938та година , драмата на Крле доживеа сценска изведба во Скопје и тука некаде започнува можеби најтешката дилема за изборот на творечкиот пат кој, сепак, ќе го одреди и со успех ќе го изоди. Во исто време се раѓаат човечките и творечките кризи, искушенијата и двоумењата во човекот и писателот. Двоумењата подразбираа животна пресвртница. Занаетот пренесуван од колено на колено, на крајот, го напушта. Го заменува со најтешкиот литературен род, не знаејќи какви се искушенија ќе му донесе перото. Зачудувачка е пресвртницата, преобтразбата на Крле, од чевларски работник до реномиран драмски писател, Тоа, секако, се должи на талентот, но и на упорноста. Алексиев запиша дека Крле е раскажувач по душа и само на тој начин може да ја објасниме потребата да се фрли чеканот и земе перото„. Крле покажа како поради печалот се руши огништето, се отвора бездна, доминира сениште на искушение, обесчовечен човек, злосторнички акт. И затоа во оваа животна присутна литературна и национална актуелна тема, не постои аргумент со кој би се намалила вината за лакомоста по пари, бидејќи „трагичноста на гротескната игра во Парите се отепувачка е дијаболично сурова„. 5) Но, таква е трагичноста на маедонскиот печалбар, вели Миодраг Друговац. Коле Чашуле вели дека Крле влегува во македонската драма и станува еден од нејзините врвови и столбови, особено во периодот меѓу двете војни , е значаен и поради воспоставување извесен континуитет во развитокот и историјата на македонската литература „создавајќи добри темели за нејзино натамошно развивање, збогатување со нови вредности и афирмирање со автентични национални, социјални и естетски белези во својот жанровски разновиден и се посовремен тоталитет„. Крле, Иљоски и Панов извршиоја и подвиг во афирмацијата на народната традиција, македонскиот фолклор, но и на македонскиот јазик, во време кога е проскрибиран, јазик на кој беа напишани и на сцената поставени нивите први драмски дела.
Драмското дело на Крле не му попречилао во создавањето успешни драмски дела. За разлика од Панов, кој по Печалбари не напиша ни едно позначајно драмско дело, Крле со силата на својот талент ја збогати македонската литература со вредни драмски дела. Во Антица тој како да оди по трагата на имагинацијата тој како да оди по трагата на имагинацијата на народниот пеач и раскажувач, внесувајќи во својот текст нешто од блесокот на таа стара, златна, никогаш непотемнета имагинативна пата на народното искуство, колорит на народната песна и обичаите, мудроста што кај народот со векови се филтрирала како свест за подоброто и убавото, вистинината и чесноста, па и на своето народносно самоосознавање.„ 6)
Книжевно драматуршката способност Крле ја покажа преку Милион маченици. Во овој драмски текст тој е директен во пораката, остар, наместа патетичен, со дијалог како „Огномет на мисловно чувствителното во идејните и емоционалните созвездија на јунаците„ 7)
Драмскиот круг на Крле и почнува и завршува со трагедија. На почетокот е Парите се отепувачка, на крајот, по се изгледа неговото последно дело Невеста пуста девојка (битова драма во 3 чина, 4 слики, 6 верзии, две под наслов Украдено чедо, една од нив е радиоадаптација, една Чедо, две Станка Бакаловска, АМАНУ).
Годините, децениите, времето работи во полза на Ристо Крле. Дистанцата од времесоздавањето на неговите драмски дела прави „емпириска проверка и селекција„ .8) преку која на виделина остануваат , на површина испливуваат вредностите кои со годините, децениите добиваат во значењето и вредноста. Ристо Крле е историска појавност , „драгоцен бисер„ /како што вели Момировска/ во репертоарот на македонскиот театар, и без него, без Иљоски и Панов, националниот драмски театар не би бил целосен„ и заради показ и доказ на творечкиот уметнички континуитет на македонскиот народ„. 9)
Пред неколку години, во еден текст за Крле, а по повод јубилејот 95 години од раѓањето, Коле Чашуле за Крле зборува како за феномен, но, во исто време се прашува:„ Може ли, воопшто, да се зборува за феноменот Крле, а да не се отвори, претходно, посебна страница за феноменот Струга„. Овој град, како ретко кој град во Македонија, во протек од, безмалку, век и половина е постојано во фокусот на македонскиот интелектуален простум. Простум, кој го карактеризираат, потврдуваат епохални личности„. 10)
Струга и струшко од своите пазуви за навек и за вечна почит ги дадоа Браќата Миладиновци (Димира и Константин), Војдан Поп Георгиев Чернодрински, Арсениј Јовков, Димитри Кочо, Перо Чакар, Асен Каваев, Анѓелко Крстиќ, Ристо Крле. Струга и струшко не биле заобиколени од политичките влијанија, социјаните, економските услови во кои живеел македонскиот народ во тоа време. Струга го има убавиот Дрим, има градска историја, градски живот, традиција, преданија, легенди кои ги чува и ги пренесува на поколенијата. Крле е дел од таа традиција и тој живот.
Талентиран, амбициозен, упорен, чувствителен, пргав, со забрзан од, конте, животните удари, неправдите ги примаше достоинствено, исправено. На зависта одмолчуваше, и „затоа о доживеа неговите текстови да заживеат на сцена, таму да се отстојуваат себеси(...) Тој умее да војува шпритаено, со цврста вера дека времето, бездруго, работи на нив. За него. Што се докажа како повеќе од видовито„. 11)
Истиот рефрен на печалбарството одзвонува и во поезијата од тоа време, во песните Потник (1927) и Чекање на Мијакот Томо Смиљаниќ Брадина, Реч на гурбетчија што работи за Форда (1937) на Виктор Аќимовиќ, Тагата на печалбарската жена (1938), Спиај дете (1937), Јане од Поповци (1938), Пролет (1937) на Радослав Петковски, Печалбарска елегија Ленуш (1941) на Цеко Стефанов Попиванов, Туѓина туга голема (1937), Скица (за печалбарската поема Мајстори), Печалба на Воислав И. Илиќ, Проштевање на Рацин....Сите овие автори како и Панов, Иљоски, Чакар, Марковски, Крстиќ и некои други со разни стилски изразни средства ја обработуваа истата печалбарска тема и создадоа дела во кои ја овековечоја печалбарската коб. Тоа се пишани сведоштва за еден мрачен период , за животот исполент со работа и по, разочарување и душевни кризи, отпори кон традицијата, на која, сепак, се и се покорува. Живот на огниште кое вечно некого чека , кое по некого копнее и тагува. Тоа се дела за трагични јунаци во едно трагично време, за нивните погледи, ставови, идеали. Тие се огледало на теглилата и несреќите на нашиот народ. Можеби, најнесреќен меѓу несреќните печалбари е јунакот на Крле. Тој долги години ја чувствува горчината на печалбарската пот, за да на крајот, наместо да најде спокојство и смирување, ќе ја доживее најголемата несреќа на сопственото огниште, од најблиските. Мачниот живот, наталожените незадоволства, суровите внатрешни пориви, понекогаш, како во драмата на Крле, носат зло, прекинување на млад напатен живот, и самоуништување на оној што го предизвикува тоа зло.
Фусноти:
- Архив на МАНУ, фонд Антон Панов. Изјава на Панов за мотивот на драмата Печалбари и во Јованка Стојановска: Книжевното творештво на Антон Панов, Матица македонска, Скопје, 1994.
- Јован Костовски: „Проклетство на чемерниот печалбарски живот„ Вардар„ Скопје, 5.март 1936. и во „Современост„ Скопје, 1969.
- Ибид.
- Слободан А. Јовановиќ: „Нова књижевност„, Споменица ослобоѓења Јужне Србије, 1937, стр. 849.
- Александар Алексиев: Основоположници на македонската драмска литеартура, „Култура„, Скопје, 1976, стр.261.
- Ибид. стр. 210-211.
- Миодраг Друговац: Македонската литература од Мисирков до Рацин, „Просветно дело„ Скопје, 1975, стр. 139 -140.
- Нада Момировска: Ристо Крле живот и дело, Зборник, Струга, 1997,стр. 22.
- Ибид.
- Коле Чашуле: „Макар и попатно за феноменот Струга и Ристо Крле„ во: Ристо Крле живот и дело, Зборник, Струга, 1997.стр.142.
- Ибид. Стр.146.
Д -р Јованка Друговац
