Шеесет години од излегувањето на Бели мугри од Кочо Рацин
Јованка Стојановска-Друговац, Веле Смилевски
Институт за македонска литература, Скопје, 2001
Рацин - кратенка за името на сите нас
Почитувани дами и господа,
Почитувани академици
Честа е особена, исклучителна, задоволството е големо што ми е укажана можноста да го одржам поздравното слово во чест на еден значаен датум од нашата литературна и културна историја: 60 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри„ на даровитиот велешанец, „чудото од Велес„ смелиот Кочо Рацин.
Ве поздравувам од името на колегите од Институтот за македонска литература и од Одборот за одбележување на овој значаен јубилеј. Институтот за македонска литераура во рамките на своите научни активности се јави како организатор на бројни научни симпозиуми и научни собири посветени на животот и делото на Григор Прлочев, Ацо Шопов, Ристо Крле, Владо Малески од кои се презентирани научно истражувачките соопштенија во посебни зборници.
Денес, почитта кон рацин, кој трајно ја задолжи македонската култура, литераура, наука, македонскиот народ, токму онака како што прилега: споменот на него го искажуваме во храмот на македонската наука и уметност. Во тоа име, голема благодарност до претседателот на МАНу, академик Ксенте Богоев и до академик ташко Горгиевски, кои сесрдно ја подржаа нашата иницијатива ова чествување да се одржи под овој покрив. Голема благодарност до Министерството за наука на Р.Македонија за нивната поддршка.
Константив Солев, Невен Пејко, Кочо рацин, тој бродар, визионер, кормилар, предводник, предвесник, зачетник на современата македонска поезија, тој даровит поет и мил човек својата кратка, куса творечка и животна патека ја опсипа со бисер и докажа дека, сепак, вечноста постои. Во вечноста даровитите луѓе живеат, споменот на нив е секогаш жив, а односот кон нив е особен, возвишен. Јуре Каштелан рече „поетите не умираат и со сеќавањата, со сликите што ги предизвикувала нивната реч, а и со сеќавањата на оние што ги познаваат„ а Вук Крњевиќ „колку е судбината на поетите непредвидлива и незакономерна не е прашање што им се поставува само на толкувачите на поезијата, туку се повеќе и почесто се поставува на сите оние кои се грижат за трајноста и целисходноста на човековото постоење /.../ Поезијата е истовремено и откривање и трајно сеќавање, паметење, сведоштво на човековата судбина„. 1)
Во својот судбински предодреден краток живот , Рацин и љубел и волувал и творел и на творечки начин го сврзувал минатото и /со/ иднината. Револуционер, полемичар, прв книжевен критичар, прозаист, поет, романсиер, лектор, коректор, хронолог, новинар, редактор, во литераурата влегува на само дваесетгодишна возраст, и подоцна, иако сеуште млад, Рацин во своето време беше „ импозантно силен во својата присутност„. Тоа се случуваше во едно преломно и пресудно време кога Рацин создава дело што влијаело на афирмацијата на накедонската национална култура.
Денес е празник на нашата национална култура. Пред 60 години појавата на стихозбирката „Бели мугри„ претставувала вистински празник, особен настан, историски за новата македонска литература. „Самиот настан е повеќезначаен, но сите значења, главно, резултираат од двата негови основни пункта: јазичниот и вредносниот! Најпосле се појави едно комплетно поетско дело на македонски јазик и тоа со високи уметнички вредности. Ако првиот факт значи литературно утврдување и афирмација на македонскиот јазик, вториот е дотолку комплементарен што вредностите ги изразува токму на тој јазик, кој, начелно и објективно гледано, сам,о исклучително талентиран поет и проучувач на народниот фолклор можеше да го исползува без дилеми и чувство на творечка оневозможеност„/.../ Збирката „Бели мугри„, како и Рациновата револуционерна и книжевно критичка и публицистичка дејност во целина, остави неизбришливи траги во свеста на луѓето, времето и историјата„.2) А, историјата вели дека при крајот на ноември или на самиот почеток на декември 1939 година во Самобор, во печатницата на Драгутин Шпулер во полуилегала, далеку од цензурата, за 24 часа се отпечатени „Бели мугри„ во неверојатни 4000 примероци и по илегални канали дистрибуирани. Денешниот самобор, според Ивица Судник, се гордее на споменот на Кочо Рацин и неговите „Бели мугри„.
Печатарската машина на која се печатени „Бели мугри„ и ден денеска работи. Во Музејот во самобор се собираат и чуваат и најмалите податоци за Кочо рацин, а една од најновите улици во самобор го носи име Кочо Рацин.
Песните од стихозбирката „Бели мугри„ беа рецитирани и претставуваат будење на јазикот и слободниот дух, а биле читани и во Софија во македонскиот литературен кружок. Но, поради оваа збирка, Рацин е спроведен во Велес како многу опасен елемент. Но, неговото име се прочуло а неговата збирка е одбележана во повеќе тогашни гласила /„Летопис матице српске„ „Савременик„ Млада култура„.../
Преку „Бели мугри„ Рацин го направи оној спој помеѓу минатото и иднината и оној спој меѓу народната и уметничката поезија. И тој спој: тој прв го направи! „Бели мугри„ се документ, сведоштво за ползувањето на македонската народна песна. Но, и повеќе од тоа. Тие се сведоштва за љубовта кон неа и за нејзиното познавање. Антонио Грамши ја посочи можноста за создавање на вистинска нова уметност врз „хуморот на народната култура„. Тој „ чудесен на архаични и современи императиви на нашиот балкански терен единствено го оствари Рацин токму со поетската книга „Бели мугри„. 3) Во „Бели мугри„ го наоѓаме сиот рацин, сите негови одлики, сите идејно уметнички настојувања, најјасно и најсрдечно искажани или, според Спасов Александар, неговото остро чувство за проблемите на своето време, Рацин како вистински социјален и револуционарен поет и Рацин творец на новата македонска поезија„. „Бели мугри„, тоа е изгревот.,светлината, визијата на Рацин. На бисерот на Рацин укажа уште во 1947 година Конески кога рече дека „историското и литературното испитување на Рацин треба да почне уште сега со научната основност и систематичност„.4) Духовниот и душевниот тестамент, протест, побуната, „маката на црноземните робја„ /Конески/ и покрај сите забрани уште во текот на борбата, овој тестамент е преобјавен 1944 година а по ослободувањето во 1945 год. Отпечатен е во Скопје, Битола и Штип.
Ѓакомо Скоти, Борис Слуцки, Викторија Теодору, Думитру Јон, Вереш Шандер, Октавио Пренс овозможија овие стихови да прозвучат на франсцуски, романски, грчки, италијански, шпански јазик. „Белите мугри„ изгреваат и сјаат низ светот. Песните сјаат и низ антологиите и изборите од македонската поезија. Оваа збирка е инспирација на македонските скулптори, сликари, композитори, драмски писатели.5) За Рацин е снимен биографски филм , во чест на Рациннегово име носат училишта, домови на културата, книжарници, булевари. Во негова чест устоличена е наградата „кочо Рацин„ и / 1964 год./ манифестацијата „Рацинови средби„ која со текот на годините даде значајни научни прилози за делото на Кочо Рацин.
И, зарем, великаните великаните не се поистоветуваат со бесмртноста_ И, зарем, „поетот не е оној, за кого се верува дека постоел отсекогаш и дека ќе постои засекогаш! Институција што цивилизира...тој е носител на клучевите на убавината„. 6)
Кога во 1908 година на 25 ноември во терасестиот Велес е роден Кочо Рацин, ниту Марија, ниту Апостол, неговите родители не помислуваа дека е роден идниот великан на македонската нација. Затоа, нималку случајно, опстојува мислата на Блаже Конески: „Името на Кочо Рацин е кратенка за името на сите нас„. А, неговото имее легенда, симбол за едно страдално време, симбол на многу негови песни почнувајќи од 1928 година, раскази, роман, книжевно – критички текстови. Симбол е и на се уште загадочниот настан на Лопушник на 13 јуни 1943 година.
Остана зад него и легенда и поезија.
Фусноти:
- Вук Крњевић: „Рацинов тестамент„ во 21 и 22 Рацинови средби, Зборник, „Сознајните аспекти на книжевноста„ Титов Велес, 1984/85, стр.7.
- Миодраг Друговац: Од Мисирков до Рацин, „Просветно дело„,Скопје, 1975,стр.180,191.
- Вук Крњевић: Ибид.стр.9.
- Блаже Конески: „Како работел Рацин на „Белите мугри„, „Нов ден„,Скопје,1947.
- Борис Вишински: „Рацин„, Трајко Прокопиев „Ленка„, Стефан Гајдов „Копачите„.
- Јон М. Думитру: „Разговори за иднината„, во: Душко Цацков: Поетот Рацин, „Студентски збор„, Скопје, 1983,стр.113.
Др Јованка Друговац
МАНУ,Скопје
