Кликнете за да го прочитате информацијата во дневниот печат
Творештвото на Владо Малески
Институт за македонска литература, Скопје,2000
Револуцијата во срцето и визијата
Владо Малески: „Прва вечер„
Генерации израснале со песните „Денес над Македонија„ „Песна на македонските партизани„ „Песна за Мирче Ацев и Страшо Пинџур„ Песна за Цветан Димов„ Генерации од Револуцијата, но и по неа. Песни родени во едно време кога Владо Малески1) е револуционер, но и кога ги прави првите чекори во литературата. Песните на Малески во 1943 година „ќе бидат објавени во првата и во втората книга на мошне популарните Македонски народно-ослободителни песни, во редакција на Коста Рацин. Иако со ненаменски карактер и со незначителни уметнички вредности, овие трудови своевремено одиграа огромна мобилизаторска улога и несомнено претставуваат први во низата настојувања за какво- такво книжевно руво да се овековечат збиднувањата на Револуцијата, а ништо помалку да се воспостават и мостовите на пишаната реч во македонскиот јазик меѓу двете општествени и литературни епохи„.2) Од времето на Револуцијата датира и актовката Петоимениот Ѓоре прикажувана во текот на војната. По војната Малески ги објавува книгите раскази Ѓурчина алова (1950) и Бранувања (1953), романите Она што беше небо (1958) и Разбој (1969), а според негово сценарио снимен ио првиот македонски филм Фросина во 1951 година. Од прозното творештво на Владо Малески објавени се неколку избори, а неговите раскази се преведени на српскохрватски, француски, англиски, руски, чешки јазик. Лајтмотивот во творештвото на Малески, онаа судбинска тема е револуцијата. Низ неа тој ја прикажал душата на нашиот народ, човек од едно време, време на една општествена и историска стварност, време во кое се води борба за живот, земјата, достоинството. Со моќ за создавање лирско читлив расказ, со народен и лирско богат јазик , со естетските константи „коишто во ракописот на Малески, со истиот негов широк регистер на значења, речиси безрезервно ќе бидат прифатени од нашата критика, со кои тој уште во првите свои раскази, а особено со романите, ќе ја добие довербата на мнозинството читатели и ќе се зацврсти во самиот врв на македонската литература.„3) И затоа, нималку случајно, најдобрите раскази на Малески го заземаа своето место и на страниците на антологиите на македонската и југословенската проза. Овде, секако, мислиме на расказите Селанката од Копачка (1945) Фиданка (1953) и Прва вечер. Последниот од споменатите раскази Владо Малески Тале го објави во 1946 година во првото македонско литературно списание „Нов ден„4) Рековме дека Малески е опседнат од една тема, еден извор од кој создаде дела кои не беа имуни ни на реализмот ниту на фолклорот. Поинаку и не можеше да биде. Малески и македонските писатели од тоа време не можеа да останат настрана, ниту пак беа некаде далеку од општествените состојби, секојдневието, борбите и стремежите на народот. Исто така, од друга страна, тие ниту можеа, ниту ја заборавија традицијата и богатството на фолклорот на истиот тој напатен народ. Затоа „реализмот на сликата, со потпирка на фолклор не треба да се сфати како манир на тогашното раскажување, туку и нужност за еда литература која со коренувањето на нови смисли најпосле мораше да ги преовлада празнините во литературниот развиток. Тој процес е започнат со регионалистиката на Стале Попов, со историската белетристика на Абаџиев, со фолклорнореалистичните драми на Иљоски, драмската процедура на Точко, со цел еден спектар на задоцнети романтичарски акценти„. 5)
Во својот расказ Малески овековечил лик народен, препознатлив, трагичен, верен, вистинит. Лик што пропгонува, лик што плени, лик морален, чист и достоинствен, лик исправен. Во Прва вечер воочлива е психолошката и реалистичката постапка на раскажувањето. Меѓутоа, воопшто не е битно дали и колку меѓусебно влијаат, се преплетуваат или пак се надополнуваат овие две раскажувачки постапки. Воопшто не е битно, исто така, дали ќе речеме дека раскажувачката постапка е застарена, старомодна. Битен е пулсот на раскажувањето. Битно е колку му веруваме на раскажувачот, колку тој длабоко може да не внесе во него, колку долго ликот ќе живее во нас, дали можеме во нашата свест да го видиме и да го доживееме точното време на збиднувањето на расказот. Иако со доза на почетништво, сепак, расказот на Малески не се доживува како оспорување на идејните и естетските вреднисти за еден расказ од тоа време. Расказите на Малески „содржат и по нешто од рефлексиите на тогашните сфаќања на литературата, но очебијното прагматизирање на нејзината опшествена функција и упростување на нејзиниот белетристички лик„.6) И во стилски поглед Прва вечер не е образец за угледување на тогашните и подоцнежните прозаисти, но сепак и како таковм факт е дека е дел од многуте антологии. Зошто? Бездруго, затоа што расказот на Малески заедно со делата на прозаистите од првата генерација: Јован Бошковски, Славко Јаневски, Коле Чашуле и др. го траситра исказот и изразот. Малески, како еден од втемелувачите на македонската современа проза, всушност е првиот од значај автори од периодот на развитокот на македонската проза. Од тука, следи уште еден одговор за значајноста на расказот на Малески сврзан, исто така, со изразот и на неговата самобитност. Неговото суптилно признавање на специфични и карактеристични нијанси на македонскиот збор, јасниот показ дека и на македонскиот јазик може брзо да се развие функционална прозна белетристика„.7) што е најзначајното во појавата на Малески. За него револуцијата не е апстракција „никаков идеал за себе, по себе, неа ја сочинуваат луѓе, можна е бидејќи луѓето ја носат не само на борбените знамиња туку и во срцето, во визијата„.8) И токму така, Сандре од Прва вечер во срцето ја носи револуцијата. Меѓутоа, во неговото срце е и љубовта кон Стојанка, која поради задача, префрлувањето на партизанскиот одред останува без својата прва брачна ноќ. Во расказот Сандре е остварен револуционер, неостварен маж. Животот не зависи од него, тој не може да управува со него. Времето на револуцијата бара жртви. Целта мора да се оствари, а целта е слободата. Во сосема поинакви услови и со поинаков животен пулс е проживеан животот на јунакот од Насмеан ден, можеби варијанта на расказот Прва вечер. Во расказот Насмеан ден јунаците уживаат во животните задоволства. Мажот е маж, само што, сепак, постои еден сврдел што ја разјадува душата, сврдел на минатите дни што создава неспокој. Во душата се раѓа борба меѓу минатото и сегашноста, борба за помрачување на минатото, негово заборавање, негово превозмогнување, прескокнување. Но, дали тоа е можно? Дали може минатото да се заборави? Дали живееме само денес и за денес? Ако е така, тогаш спомени не би постоеле. Сигурно е дека Сандре иако не е со Стојанка тој пред себеси и пред љубената и семејството е со чиста свест. Заради света задача ја остава љубената да го чека. Тоа е должност, тоа е чест. Водејќи го одредот, извршувајќи ја задачата во мислите е со Стојанка. Сандре е сведок на едно време и во него се препознаваат јунаците на револуцијата, со сите животни искушенија и со сета морална честитост. Затоа, есенцијалното значење на расказот Прва вечер е во самото време: времето на револуцијата и времето на појавувањето на расказот како трасирање на пат кој ќе го изодат оние кои го следеа Малески.
Фусноти:
- Владо Малески е роден во Струга на 5 септември 1919 година во печалбарско семејство. Најраното детство го помина во Скадар, а раната младост се до завршувањето на големата матура во Битола. Во 1939 година Малески е студент на Правниот факултет во Белград, а по 1941 година „исцело му се посвети на организирањето на националноослободителното движење во својот роден крај и учествува во воените операции за ослободување на земјата. Револуционер, писател и политичар, Малески зазема разни одговорни должности, какви што се: член на АВНОЈ и АСНОМ, член на уставното собрание на Ф.Југославија, амбасадор на СФРЈ во Либан, Етиопија и Полска, директор на Радио Скопје, претседател на комисијата за културни врски со странство на СР. Македонија. (Миодраг Друговац: Повоените македонски писатели „Просветно дело„ Скопје, 1979, стр.97.)
- Ибид.
- Ибид.стр.98
- Владо МалескиТале: „Прва вечер„ расказ „Нов ден„ Скопје, бр.1-2 јануари- фебруари 1946, стр. 57-63.
- Миодраг Друговац: нав.дело.стр.93
- Ибид.стр.101
- Димитар Митрев: Огледи и критики, кн.3. „Наша книга„ Скопје, 1970,стр.296.
- Миодраг Друговац: „Писац Владо Малески, поводом додељивања награде за књижевни опус издавачког предузећа „Мисла„ из Скопља.
