Jovanka Drugovac Jones    D-r po filoloski nauki
Makedonski
English

Кликнете за да го прочитате информацијата во дневниот печат

Војдан Поп Георгиев Чернодрински, живот и дело

Јованка Стојановска Друговац, Лорета Георгиевска Јаковлева

Струга,2001

Vojdan Pop Georgiev Cernodrinski, zivot i delo / Војдан Поп Георгиев Чернодрински, живот и делоКРИТИКАТА ЗА ДЕЛОТО НА ВОЈДАН ГЕОРГИЕВ ЧЕРНОДРИНСКИ
„Велат дека театарот е училиште за народот. Никој не може да го одрече тоа. Но кои се учителите во тоа училиште? Никој друг освен самообречените...идеалисти наречувани во минатото „караѓозџии„, денес – актери , а утре – не се сомневам, ќе се наречат носители на светлината„.

В. Чернодрински

 

Војдан Поп Георгиев Чернодрински е без сомнение е една од најмаркантните појави во македонската литература. Пред овој учен човек, даровит, упатен во тајните на театарскиот Вавилон и убавините на Талија не постоело речиси ништо /во драмски поглед/ на што би можел да се потпре, да се угледа или да се доградува и издига. Па сепак, успеа да создаде први покомплетни драмски дела, успеа да ги постави темелите на драмската литература , иако „не наиде на соодветен модел уметнички да ги вообличи ургентните потреби на своето време„.

Се она што Чернодрински направи во доменот на драмата и театаротв со сиот свој ентузијазам и пламената љубов кон народот и татковината е откинато од макотрпното минато без какво и да било „гримирање и лакирање, со безмилосни зборови во дијалогот и репликата, со нешто судбински и фаталистички темно и загадочно во себе, преселен во еден уметнички, понекогаш привидно уметнички декор, за да ѕвони оттаму на тревога, повикувајќи на бунт, на востание, на пресметка со луњите на маќеата историја„./ М.Друговац/

Епитетот „основоположник на македонската драмска литература„ го понесе токму Чернодрински. Неговиот животен пат, револуционерната дејност, театарската дејност, творечкиот опус не можеа да не бидат забележани од историографијата и критиката. Историографите, литературните и театарските критичари, дејноста на Чернодрински ја прикажаа од историски и од уметнички аспект и секако, во наголемиот број случаи, водејќи грижа за вистинската и правичната димензија во оценувањето, вреднувањето на неговото дело во целост. Во тој процес, историографите се потпираа и врз спомените /спомени објавени во „Македонски вести„ во пет продолженија, скицата за спомени „Мојата театарска општествена дејност„, биографијата, искажувањата на Марија Чернодринска и нивните деца/.

Првиот одглас за дејноста на Чернодрински датира од 1894 година.1) Софискиот весник „Право„ известува и ја оценува првата музичка вечер на „Младата македонска дружина„ со желба за нејзини понатамошни успеси. Весникот „Реформа„ 2) од 1900 година објавува рецензија која нуди особено важни податоци кои го навестуваат раѓањето на македонската драма и театар. Чернодрински го сврте вниманието на критиката. Тоа се случи по изведбата на неговото најзначајно дело „Македонска крвава свадба„. Истата /1900/ година и еден друг рецензент , иако пишува за Чернодрински, сепак не го спомнува неговото име /освен како артист/, но дава достоверен опис на атмосферата во Салонот на „Славјанска беседа„, оценка за актерската изведба и целосна подршка со зборовите:„ Им искажуваме од страна на Софиското македонско друштво топла благодарност на аматерите кои со готовност се прифатија да му помогнат на делото„. Судејќи според нормите и мерилата на тогашниот печаткој премалку го следеше театарскиот живот, изведбата на неговата драма го доби саканиот, потребниот и заслужниот публицитет. Истата година, во ноември, или само десет дена по оваа рецензија, веднаш по втората изведба на истата драма во истиот салон, истиот весник 3) ги дава сите пофалби а еден месец подоцна 4) ја поздравува најавата за гостувањето на драмата во Пловдив, додека по претставата во Белград, весникот „Мали журнал„ 5) пишува:„ Дури и на синоќешната претстава на оваа трупа кај Коларац, дојде до израз големото одушевување на нашата публикакон оваа одлична трупа...Многубројната публика бараше трупата и вечер да настапи кај Коларац и така вечерва ќе се одржи последната претстава на оваа прва македонска театарска дружина„. На гостувањата, драмата на Чернодрински збирала аплаузии симпатии и затоа весниците за него пишуваа со сиот пиетет. „нам срцето ни се кинеше, гледајќи и слушајќи ја оваа претстава„ – пишува новосадска „Застава„ 6)

Името на Чернодрински –Црнодрински, првпат го спомнува белградска „Штампа„ 7) Ова списание, според Војислав И. Илиќ „како да ги собира, синтетизира и дополнува другите написи, кои, претежно во вид на пократки ,. Постегнати информации , само ја констатираат темата, идејата и јазикот на тоа дело или даваат оценка за сценската реализација.Но, главно, несовпаѓање нема – ист е духот , впечатокот, формулирањето, симпатиите„. Критичарот запишал: „Ова дело го напишала некоја рутинирана драмска рака, но е напишано со македонска крв /.../ . Сметам дека ќе биде голема штета ако белграѓани не ја видат оваа трогателна драма, ако не уживаат во оригиналната и одличната на македонската театарска дружина и не го чујат оној пријатен македонски дијалект. Се надевам дека управата на театарот ќе ни го причини тоа задоволство и ќе ја стави на репертоар барем уште еднаш „Крвава македонска свадба„. Критичарот потпишан како С е можеби Светислав Симиќ, влијателен српски политичар, публицист, професор и државник. Исто така, софискиот весник „Автономна Македонија„ 8) низ неколку свои броја го свртува вниманието на читателите пишувајќи за Чернодрински и за изведбите на неговите драмски дела /„Македонска крвава свадба„ „Зло за зло„ „Срешта„.../ . Интересно е тоа што за бројните изведби /10/12/во Софија, весниците објавуваат , отстапуваат простор ма сите ктитички видувања на претставите на драмите на Чернодрински. Значи, нешто во свеста почнало да се менува. Тоа го прави весникот „Вести„ на 15 јануари 1909 година, кога објавува напис од еден учител од Костур. По девет години перманентна изведба и непрекинато претставување и оценување на сите тие изведби, и тоа почнувајќи од првата , премиерната изведба на драмата „Македонска крвава свадба„, таа ги полни театарските сали, читалиштата на сите свои гостувања. Со секоја нова изведба драмата на Чернодрински постигнува нов успех, со изразита желба на публиката и критиката за повторна средба со неа. Тоа е всушност онаа магија од која е обземена публиката , а поради која по претставата се навраќаат критичарите. Затоа, не случајно, за драмата на Чернодрински се пишувало во Софија, Белград, Нови Сад.....во бројни тогашни весници. Покрај „Автономна Македонија„ во Софија, за Чернодрински пишува и весникот „Илинден„ во 1922 и 1923 година /бр. 1, г.2. 5.01.1922; бр.12, г.2, 25.03. 1923/, во Пловдив „Правда„ /бр. 144, 31.03 1923/, „Устрем„ Софија / бр.24, 1.07.1924/ а во „Илинден„ јубилејот на Чернодрински го одбележува неговиот роднокрајник , револуционер, публицист и уредник на овој весник Арсениј Јовков. За својот пријател, Јовков запишал: „Литературните појави кај секој народ се рожба на условите во даден момент. Литературата е целосен одраз на тие услови и затоа историчарот нема поголемо огледало за согледување на извесна епоха од самите производи на уметноста што таа епоха ни ги оставила во наследство. Ретко избраниците на еден народ можат да го надраснат својот век, зачекорувајќи далеку пред него. Обично кај писателите и поетите ние ги согледуваме сите оние недостатоци, сите трепети, стремежи и заблуди што ги бранувале нивното време./.../ Македонскиот театар е скромно дело на г. Војдан Чернодрински, кој и самиот во Битолско ги делеше залаците на револуционерната судбина. Повеќе од скромен во својата театарска дејност, тој живееше 20 години со трепетите на македонското театарско дело и може да се рече дека тој самиот го создаде и хо носеше на своите плеќи и како драматург и како директор на Македонскиот театар /.../ Македонскиот театар, кој самиот беше едно револуционерно тело, ја имаше смелоста да ја обиколи и македонија. И да изведува револуционерни пиеси, принудувајќи ги младотурците да молчат„. Впечатоците на театарските изведби на драмата на Чернодрински беа причина за бројните одгласи во печатот.

Но, се појавија и такви написи, како оној од 1923 година на Трпе Анастасов во весникот „Правда„ /бр. 144, г.1, 31.03.1923/, кој ја оспорува политичката и националната актуелност на драмата на Чернодрински.За овој напис Александар Алексиев рече: „Авторот секако им припаѓа по своите убедувања на федералистите, прилично снажна групација во македонското ослободително движење на Првата светска војна.

Анастасов се запрашува: „Зар г-н Чернодрински не сфаќа дека ќе му напакости на македонското ослободително дело изведувајќи ја „Македеонска крвава свадба„ ? Една година подоцна Никола Џеров во весникот „Устрем„ 10) ја оспорува животоспособноста на истото драмско дело: „Искусни и вешти луѓе се зафатија да го искористат за своја полза, во секоја смисла, тоа чисто име – татковината /.../„ За Џеров драмата на Чернодрински претставува „див шовинизам и најдолен лажен патос„. Но, вината секако не беше кај младиот Џеров, туку во трновитиот и испрекинат пат на нашето национално осамостојување. Секако, сосема природно и неминовно е за едно дело да се јават различни мислења и оценки. Некогаш тоа е и мошне добро. Меѓутоа, ставовите на Анастасов и на Џеров дури и од извонредно големата временска и историска дистанца, ние не можеме да ги прифатиме.

Со текот на годините, интересот за дејноста на Чернодрински не престана. Дури, би рекле, со текот на времето неговото дело ги доби вистинските свои проучувачи, толкувачи и оценувачи. За неговата дејност огласи наоѓаме кај Мисирков, Јосиф Чешмеџиев, Стефан Каракостов, а подоцна преку критичките одгласи на Илија Милчин, Александар Алексиев, Јован Д. Костовски, Љубен Лапе, Јован Бошковски, Воислав И. Илиќ, Блаже Ристевски, Миодраг Друговац, Матеја Матевски, Вукосава Донева....се поопстојно се приоѓаше кон делото на Чернодрински и на тој начин се повеќе се укажуваше на важноста и улогата на Војдан Чернодрински.

Собрамните дела во 5 тома на Чернодрински претставуваат сублимирање на дотогаш реченото за животот и творештвото на Чернодрински. Упорно трагајќи по оставнината, по периодиката, контактирајќи со семејството Чернодрински, Алексиев даде еден од најцелосните прегледи на животот, револуционерната активност и творечката дејност на овој наш заслужен деец. Собраните дела претставуваат првично поцелосно презентирање на сето она што во период од 6 децении го создаде Чернодрински. Алексиев пишува за животот, првите литературни и револуционерни појави на Чернодрински, за „Македонски зговор„, неговата улога во организирањето на на македонските студенти во странство, за театарските трупи, за сите творби, за остувањата, за инспирацијата од народната поезија...Според приредувачот, објавувањето на овие томови „ќе овозможи да бидат расветлени и отстранети многу досегашни непрецизности, /.../ значењето на неговиот пионерски потфат ќе се согледа во вистинските свои димензии и тоа не само од историски, туку и од уметнички аспект„. 11)

И во делото „Основоположници на македонската драмска литература„12) Во кое првиот дел му е посветен на Чернодрински, како и во останатите бројни трудови презентирани се низа нови и дотогаш непознати моменти, кои придонесоа Чернодрински да го заземе своето вистинско место во македонската литература. Според Алексиев. „во еден сосема мал временски интервал, македонската драма и македонското театарско дело, ставени во служба на македонското револуционерно движење, ќе доживеат дотогаш невиден подем и ќе ги засенат, па дури и исцело фрлат во заден план другите литературни појави кај нас„. Примерот на Чернодрински, Алексиев ќе го поврзе со нови македонски трупи и драмски имиња и дела: Хаџи Динев / Револуционер/, Матеј Христов /Ропство и слобода/, дури и Марко Цепенков, тој ретко надарен и совесен собирач на нашето народно творештво, под влијание на дејноста на Чернодрински, во 1903 година ќе ја објави пиесата Црне војвода, а секако не треба да се испушти од предвид и пиесата Крвавата гробница чиј автор е Петар Стојков. Алексиев зборува и за сериозните уметнички вредности на делото на Чернодрински создадени кога „никулците на поетските или прозните творби кај нас беа или ретки или со напор го освојуваа македонскиот народен говор„.

Значајна улога во процесот на „откривањето„ на Чернодрински има списанието „Театар„/1953/54/. Ова списание му посветува еден цел број, а во следниоте неколку броеви ги објавува едночинките Срешта, На реката, Зло за зло. Од тоа време датира еден мошне значаен оглед од Илија Милчин 13) еден од првите негови проучувачи. Во овој оглед со наслов „Чернодрински и театарската трупа „Скрб и утеха„. На девет страници, Милчин , меѓу другото пишува. „Во редот на чесните пионетски заорувања во незасегнатата целина од областа на театарот, лично место зазема и дејноста на Војдан Поп Георгиев и неговата театарска дружина /.../ Целокупната работа во „Скрб и утеха„ е стимулирана од желбата да му се помогне на својот народ и материојално и морално. Ёете затоа кај младите членови на трупата постои вистина пламенен самопрегор, својствен само на театарски аматери, и тоа им овозможува да ги вршат сите нужни работи околу своите престави...Со режисерска работа во „Скрб и утеха„ се занимавале самиот Чернодрински и Димитар Хаџи Динев, учител, родум од Дојран...Во репертоарот на „Скрб и утеха„ влегуваат освен Македонска крвава свадба уште Робот и агата, Зло за зло или Дрварите, Од глаата си патиме, сите од Чернодрински. /..../ Милчин, понатаму, дава сублимирани податоци за творештвото и уделот на Чернодрински во театарот. На мошне сугестивен начин ни ја доближува и претставува театарската трупа „Скрб и утеха„. Секако, во својот оглед, и во многу други, Милчин се осврнува и на прашањата кои се однесуваат на македонскиот театар, европскиот, на првата изведба на првата драма на Чернодрински, одекот по изведбата во печатот, реакцијата на Нушиќ, кој, по завршувањето на првиот чин слегол на сцената и го искажал своето големо задоволство. Понатаму, Милчин подробно се задржува на гостувањата на оваа драма, неговото внимание е насочено кон сцената и сценските изведби, ликовите. Огледот го завршува со еден краток преглед на драмските дела на Чернодрински, а на крајот заклучува дека „меѓу сите негови творби првенствено си го запазува Македонска крвава свадба, излезена досега во три изданија, а играна уште пред да се појави второто издание во 1907 година., веќе над илјадапати во Србија, Бугарија, Америка, Романија, Австралија и Турција за да го продолжи својот пат на сцената, со помалку или повеќе прекини, и во самата Македонија под поробувачите од разни бои и најпосле да го дочека своето слободно сценско живеење, во сестран разгор и полн глас, на штиците на Македонскиот народен театар„.

Во истиот број на „Театар„, целосно посветен на Чернодрински, еден друг истражувач, во случајов Љубен Лапе, дава осврт на преписката на Чернодрински околу изведбите на драмите во Белград во 1903 година. „Трагајќи по нови материјали за илинденското востание во архивата на Министерството за надворешни работи и со овие материјали што даваат куси податоци за намерите на македонската трупа, нејзините пречки, нејзиниот репертоар, нејзините раководители и помошта од страна на просветните власти да ги реализира своите планови. Подоцна имав можност да зборувам за за впечатоците од гледаната престава во Белград и Врање и најодзади да наидам на ласкав одзив од српскиот печат за самата престава„. пишува Лапе. Имено, писмата/факсимилите/ на Чернодрински упатени до Генералното застапништво на Кралство Србија од 5 ноември 1903 година до министерот за надворешни работи /18 декември 1903/ Лапе ги објавува во свој превод на македонски јазик, со цел и надеж дека овие писма ќе побудат подлабок интерес за да се „позадлабочи испитувањето на патот и перипетиите на оваа прва театрална трупа„.

Интересот за драмите на Чернодрински е разгледуван и од јазичен аспект. Ѓорѓи Милошев во написот „Јазикот во пиеските Срешта, На реката, На Нова година и Зло за зло од Војдан Чернодрински„ .За јазикот на Чернодрински вели дека е „чист народен македонски говор, со големо богатство на колоритен и емотивен речник„. Тој, и покрај разните влијанија, остана типичен македонец од Дримколскиот крај во сите свои манири, а нарочито во јазикот /.../ Војдановиот јазик навистина во себеси ги крие интимните чувства на македонскиот човек, неговиот живот под ропството, неговиот дух и психа./.../„ Од причини што текстовите на Чернодрински не се подготвувани за објавување, туку за изведба, тие во себе содржат и бројни грешки, како од технички така и од правописен карактер. Милошев, особено, во овој текст се интересира за фонетиката, морфологијата, лексиката „а совен тоа за одбележување е што и на интерпункцијата во пиеските не е обрнато нарочно внимание, та затоа и таа, како и правописот, прави лош впечаток„.

Врз основа на библиографските белешки за чернодрински публикувани во списанието на МНТ /Скопје,бр.1, 1953/54/ Јован Бошковски го претставува творечкиот пат на Чернодрински. Огледот „Драмското творештво на Војдан Чернодрински„ 14) е поделен на два дела. Првиот нуди податоци ѕа драмското творештво на нашиот драмски автор, а вториот претставува преѕентирање на содржините на драмите на Чернодрински. Особено внимание Бошковски му посветува на јаѕикот во драмските дела. на Чернодрински. За него користењето на македонскиот јаѕик претставува историски чин. „Во тоа што пишувал како еден од првите на народен македонски јазик е најголемата историска заслуга надрамскиот писател Војдан Чернодрински„.

Најквалифиикуваниот македонист на српскохрватското јазично подрачје Воислав И. Илиќ, во 1976 година објави студија за развитокот на македонската литература. Студијата е позната под насловот Токови на македонската литература.15) Во Белград како професор по македонска литература, никогаш не се оддалечи од неа. Во прилогот „Војдан Чернодрински, драма и театар„дава анализа за крвавата свадба. За Илиќ, драмата на Чернодрински е и дело со свои слабости, но и хомоген книжевен и патриотски текст, текст со свој колоквијален акционен валер. Анализата на личноста и делото на Чернодрински ја прави преку неговото време, преку судот за книжевната и јазичната вредност на тоа дело па се до податоците за изведбите и за одгласот на критиката за него /преку Каракостов,Милчин, Бошковски, весници и списанија/„Сигуррно надминувајќи сето претходно како обид или резултат во македонски драмски жанр, пред се во диалогизираните псевдокласични скици на Јордан Џинот и во пасажи на се уште непознатиот текст „Фатаксаниот учен„ од Рајко Жинзифов, евидентно преоѓајќи го и волуменот на својот опус и мозаичната панорама на збиднувањата , темите, мислите, структурата, Чернодрински обезбеди историско место во литературата на својот народ /.../ Зошто Македонска крвава свадба изби во прв ред и одма стана најдобар драмски текст на нашиот писател и глумец, причините лежат во инспиративниот момент„. „Инспиративниот момемт„ пак на Каракостов го оценува со зборовите:„ Пасажот за македонскиот театар и за авторот на Севда Каракостов го прави врз основа на лично водена конверзација со него како со свој современик. Сосема е очигледно дека Каракостов лично не ги прегледал белешките во белградските списанија „мали журнал„, Београдске новине„ и „Македонија„ дека /и/ го спомнува, секако, според соопштенијата примени од Чернодрински напамет. Всушност, заради тоа и се покажува и извесна несигурност во предавањето на некои факти од театролози и од културните историчари „.

Повеќегодишните научни истражувања на Илиќ сврзани за животот и делото на Чернодрински при самиот крај на својот живот ги обедини во студијата под наслов Лице и маска. книга за Чернодрински. Велиме, ги обедини бидејќи многу негови трудови за Чернодрински и македонскиот народен театар се објавени во периодичниот печат. Најобемната книга на Илиќ, со своите 732 страници 16) го минува животниот и творечкиот пат на Чернодрински а тоа го направи преку анализите на сите дела на Чернодрински, преку битолскиот период од творештвото, „Македонската дружина„ „Славјанско македонска дружина„ „македонската емиграција„ „Младата македонска книжовна дружина„ „македонски глас„ „Лоза„ зборува за Димитар Хаџи Динев и неговата драма Револуционер...Длабока е причината и побудата на Илиќ за делото на Чернодрински. Татковината на Илиќ преку драмите на Чернодрински е огледало на сите тогашни појави и присутности. Тоа се „знаци на настани надоврзани еден на друг низ историското време невреме, а во тревожна литературна експреција. За драмата Македонска крвава свадба како прва печатена книга на македонски јазик во почетокот на 19 век, Илиќ вели дека несомнено и претходи на теоретските поставки на За македонцките работи на Мисирков. За него и за активноста на „Скрб и утеха„ поопширно пишува во огледот „Мисирков и Чернодрински во белградската средба„, во кој се задржува на политичката платформа на Мисирков, неговите предавања во Белград, на неговите написи, на пробивот на македонската мисла во српскиот простор за што е заслужен и тој, но и за Чернодрински. Исто така, овој оглед го изнесува и односот на овие двајца дејци кон македонската литература и македонскиот јазик. Во 1903 година, Белград за нив значеше , претставуваше едно ново поле за дејство и афирмација , значеше и излегување од каузата и кората на емигрантската детерминираност. Преку прилогот на Илиќ „Македонскиот театар „Слобода„ е изразена свеста на „Слобода„ и неговата културна и политичка уилога. Во бројните огледи посветени на дејноста на Чернодрински, неминовно и неизбежно Илиќ пишува и за македонскиот театар, за театарскиот живот во Македонија како смислена културна и политичка акција , за времето исполнето со „особени знаци ан ритми, со кои и во кои претежно само се истрајува низ егзистенцијата и творечката моќ и судбината„. Пишувајќи и за други македонски писатели , Илиќ многушпати ќе го спомне името на Чернодрински . Пишувајќио за Цепенков и неговата драма Црне војвода, која за Илиќ е коректен литературен обид, или поточно „конечно добар„, затоа што „му се придружува на Војдан Чернодрински, на неговиот разновиден циклус на театарски опуси, пред се на Македонска крвава свадба, Зло за зло, и Робот и агата. Исто така, Илиќ смета дека во тоа време во Софија Цепенков бездруго ја гледал драмата на Чернодрински и се „доближил до некои свои сознанија„. Според него „трагизмот во сцените меѓу Осман бег и Цвета, кај Чернодрински можеле да му повлијаат на Цепенков да ја воведе и во својот текст сцената на грабањето на Тода...„

За Чернодрински и Цепенков пишува и Б. Ристовски кога зборува за Дедов и весникот „Автономна Македонија„. На страниците на овој весник беа објавени два текста на македонски јазик, драмата Мајстори на Чернодрински и Црне војвода на Цепенков. Со активноста на Чернодрински „завршува и периодот на најтворечкото ангажирање и најдобрите оријентации и на македонскиот писател и драматург В.Чернодрински„.

Артистичката, тетарско - критичарската дејност, публицистичката дејност во „Дебарски глас„ на еден од првите градители на македонскиот национален „ театар„ 17) е предмет на интерес на Вукосава Донева . Според неа, големиот успех на Чернодрински се должи на колоритноста и милозвучноста на македонскиот јазик, на неуморната работа на тетарската трупа и, пред се, на способностите на нејзиниот !импресарио, пропагатор и уметнички раководител„.

За Миодраг Друговац, Чернодрински е „човек на два века, и тоа на оние нивни епохи кои беа пресудни за консолидирање на македонската национална мисла, за подемот на македонското револуционерно движење, за зацврстувањето на македонскиот јазик во уметничката литература, наука и публицистика, за најпосле да биде и најнепосреден очевидец на остварувањето на своите и националните идеали на македонскиот народ„.18) Понатаму, зборувајќи за дидактичноста на Џинот и битово историската драма на Чернодрински, односно за училишниот театар и театарот на националноослободителната апотеоза, всушност создаден е мост на разбирање или алка која поврзува две „различни епохи и двете сфаќања за театарот и драмата, нешто како по интуиција на времето создадена нишка на творечката меѓузависност, на еден условно воспоставен континуитет, при што и кај Чернодрински ќе се забележат тенденции драмската реч исцело да се стави во функција на општонародното дело. Затоа и не е чудно што национално револуционерниот и просветителско поучниот тоталитет на неговата драма е секогаш истакнат во преден план, без оглед колку тоа ќе се одрази врз нејзините чисто стетски структури„.19) Друговац пишува за критичко и книжевно -историското одредување на драмата на Чернодрински, за нејзината фасцинантна популарност, ѕа што сведочат илјадниците претстави, за ликовите, композицијата на делото, фолклорното искуство, за театрите на Чернодрински, за неговата “драмска актива и театарска дејност” која “не е ни малку случајна појава, а пред се автентичен израз на се побогатата национална и културно -уметничка раздвиженосткај најголемиот дел на македонската емиграција, која и преку драмскиот збор и со театарскиот јазик битно влијаела врз свеста на луќето и политичките структури на тогашните општества на Балканот„ 20) Како и за одгласот во српскиот печат, кој, како што знаеме мошне респективно пишуваше и оценуваше за „свадбата„ на Чернодрински.

Блаже Ристовски пишува за „Одразот на мелодрамата Срешта во современиот македонски фолклор„ и смета дека „Чернодрински ја создаде првата драма во стихови во македонската литературна историја. ...Карактеристично е дека одделните фрагменти на оваа драма, како посебни народни песни, исползувани и последователно, ги наоѓаме до денеска во народот, иако Чернодрински до крајот на својот живот не успеа да ја напечати оваа значајна своја стихувана драмска творба на македонски јазик„.21) Освен во корелација со Цепенков, Ристовски ја поврзува дејноста на Чернодрински и со Мисирков, и тоа во она време /1903/ кога и двајцата се наоѓаат во српската престолнина. Понатаму, пишувајќо за весникот „Македонски вести„, Ристовски го поврзува и со Чернодрински: „Во краткотрајниот период /од 20 мај до 16 октомври 1936 година( кога „македонски вести„ премина во форма на весник, идејнополитичката национална ориентација доби уште поизразита линија и прашањата на македонската национална култура и на македонската литература и македонскиот литературен јазик им се посвети посебно внимание. Мошне интересни податоци ни даваат денеска статиите во весникот /.../ незавршените спомени на В.Чернодрински „Македонски драматичен театар„ /притоа да наведеме дека некаде во тоа време луѓето околу овој орган имаат намера да организираат специјален македонски театар , заради шти и чернодрински ја преработува својата најпозната драма Македонска крвава свадба„22)

Професорот по македонска литература во Белград, Христо Георгиевски во својата „Историја и поетика на македонската драма„23 го елаборира и делото на Чернодрински. Георгиевски особено се задржува на појавата и значењето на театарот и драмската актива на Чернодрински, при што дава свое видување за времето на основањето на македонскиот театар, сценскиот ангажман, улогата на „Македонски зговор„, патувањата и гостувањата на театарот на Чернодрински, неговите театарски критики, првите драмски обиди, рамите меѓу двете светски војни, за ликовите, односно драмските јунаци за кои вели дека „тие немаат доволно слободен простор за дејствување ниту можност за осамостојување/умножување на своите становишта. Јунаците се потчинети на стабилизирањето на определена слика на светот и нејзините корелати /../ Портретизацијата на јунаците не оди подалеку од обликување на елегичен немир или афектација. Посматран од контекстот на моралните и општествено историските прилики во кои се појавува и изразува, јунакот на Чернодрински е дејствувачки а не рефлексивен тип, и неговиот, а подоцна и јунакот на Цепенков, потекнуваат од народот и ги искажуваат неговите најдлабоки вистини„.

Првиот театарски рецензент на Печалбари, авторот на првиот критички осврт кој претставува меѓник или еден од меѓниците на театарската критика кај Македонсците, Јован Д. Костовски, беше опиен од театарот и за него зад себе, нам, ни остави бројни написи за театарот и театарските дела и престави. Мислам дека неговото будно око не пропушти ниту една театарска изведба, од домашен ниту од странски автор. Своите многубројни рецензии пишувани од периодот меѓу двете светски војни па се некаде до неговата смрт/1980/. По сугестија на негови пријатели, Костовски /но не сите/ ги објави, ги обедини во едно вредно дело под наслов Дела и изведби. Ова дело го преставува развојниот пат на театарската критичка мисла кај нас, а за самиот Костовски тоа е еден вид лична хроника на театарот. Јован Костовски како критичар практичар, склон кон брзо новинарско реагирање, но никогаш површен, напиша бројни театрски критики кои наликуваат или се споредуваат со вистински мали студии. Меѓу нив, сесако, спаѓаат и неговите видувања за чернодринскии неговите дела. Костовски ја почувствува суштинската сила на театарот, неговата моќ да се стави акцент на се она што е заедничко за сите луѓе: смеата и солзите, радоста и тагата, среќата и маката, се она што доаѓа од срцето. Впрочем, за тоа зборува и Жан Луис Баро кога вели дека театарот „го открива срцето што е заедничко за сите луѓе. И токму тоа го прави да биде најдобро средство за мир„. Низ страниците на „Театар„ во далечната 1953/54 година/подоцна и низ страниците на списанието „Современост„/, Костовски објави мошне иснспиративни, мали студии за Чернодрински и неговите дела. Тука, пред се, мислиме на значајниот осврт насловен „По повод реализацијата на Македонска крвава свадба„ 24) , „Биографски белешки за Војдан Поп Георгиев Чернодрински„ .„Чернодрински и театарската група„Скрб и утеха„ „Преписка околу давањето Крвава македонска свадба во Белград 1903„ „Јазикот во пиеските Срешта, На реката, На Ногва година и Зло за зло од Војдан Чернодрински„, „По премиерата на Македонска крвава свадба„.

Антонен Арто подучува да веруваме во смислата на животот обновен преку театар. Што е театар? Во што е неговата функција? Ова прашање се поставува повеќе од едно столетие, или, можеби, од мигот кога тој се одвојува од својата улога на дворски спектакл. Сето ова време на театарот не му се оспорува улогата, местото, значењето и функцијата, Театарот е машина, огнена или кибернетичка како што за него зборува Ролан Барт. Според Брехт, известувачката полифонија, декорот, костимите, осветлувањето, актерите, мимиките, говорот, го сочинуваат театарот, односно тој „претставува повластен семиолошки објект, бидејќи неговиот систем очигледно е оригинален /полифониски/ во однос на јазичниот /линеарен/. По својата суштина театарот е и уметност„. Театарска уметност според Крајг, не е „ниту глума, ни драмско изведување, ниту игра: таа се состои од сите елементи од кои е составена глумата, драмското изведување или играта..„театарот е поврзан со театарска претсава, а претсавата со театарско дело /драмско/. Во театарската претстава дејствуваат законите на естетиката, оној кодекс кој важи за единството на светот на драмата. Значи, постои „ нешто„ што создава некој нов облик, „нешто„ ново. „Новото„ е театарот. За него, исто така, може да се зборува и како за култ. Но, и како за театар излезен од тој култ. Низ своето постоење и опстојување, театарот претставува место за обраќање на народот. И покрај фактот за различниот развиток и дострел на театарската дејност, сепак постојат некои универзални вградени и во македонскиот театар. Брехт вели дека е логично да се обраќаме на народот и попотребно од секогаш да зборуваме со неговиот јазик. Театарот претставува огледало на општествениот живот и ја осветлува релацијата театар - литература.. Театарот преку својата мисија се поврзува со народот, а тој, како нејзина публика од него „бара„ одредени актуелни , животни теми преку кои го преживува сопствениот живот. Театарската сцена престорена во гласот на народот стана сцена на /за/ народот, се здоби со подршка, стана омилено „култно„ место за издигање на духот, а „драмите„ се ценеа толку релевантни /квалитетни, добри/ колку што релевантни се гледаат темите и идеите што тие ги театрализираа„. Народните театри се школи на своите писатели, воедно тие се и просветни установи. Познато е дека театрските критички одгласи /во македонската средина/ се ретки. Постои развоен континуитет, но не постои обединувачка свест што преку ангажманот на критиката и книжевната истоприја ќе ги поврзе нишките на литературниот и театарскиот развиток во една целост, за таа целост да има статус и вредност и на литературно и на национално единство. Повеќе или помалкутие се „слободни стрелци„. Секој за себе пишува, секој за себе критикува. Но, сепак, доколку погледнеме наназад, постојат критички одгласи, ставови и мислења за делото на Чернодрински. Се поставува прашање дали досега сме можеле или моравме и повеќе од тоа да напишеме и зад себе за Чернодрински да оставиме повеќе страници.

Македонската литература и литературната историја ќе пишува за него и за неговото / наше/ дело, не затоа што самиот беше „убеден дека најубав споменик за него е неговото дело и дека единствено неговата татковина може достојно да му се оддолќи„ туку затоа што делото на Чернодрински и севкупната негова мошне значајна револуционерна и театарска активност ја задолжи македонската литература, критика и литературната историја, кон овој лик и ова дело да го има сиот респект и сета почит.

Фусноти:

  1. „Право„ Софиа,г.1. бр.4. 2.12.1894.
  2. „Реформа, Софиа, г.2 бр.39. 13.11.1900.
  3. Ибид. г. 2.бр.41. 23.11.1900
  4. Ибид.
  5. „Мали журнал„ Београд, бр.342. 13.12. 1903.
  6. „Застава„ Нови Сад, бр.278. 17.12.1903.
  7. „Штампа„ Београд, бр. 326. 14.12.1903.
  8. „Автономна Македонија„Софиа, бр.24. 14.12.1903.
  9. Војдан Чернодрински: Собрани дела, том 4. приредил Александар Алексиев, „Мисла„Скопје, 1976, стр.220.
  10. „Устрем„,Софиа, г.1. бр.24. 1.07.1924.
  11. Војдан Чернодрински: Собрани дела, том 5. приредил Александар Алексиев, „Мисла„ Скопје, 1976, стр. 295.
  12. Александар Алексиев: Основоположници на македонската драмска литература, „Култура„, Скопје, 1976.
  13. Илија Милчин: „Театар„ Скопје, бр.1 1953/54
  14. Јован Бошковски: „Драмското творештво на Војдан Чернодрински„ „Разгледи„ Скопје, бр.10. г.10 1968.
  15. Д-р Воислав И. Илиќ: Токови македонске књиевности. „Јединство„ Приштина, 1976.
  16. Воислав И.Илиќ: Лице и маска / книга за Чернодрински/, НИО „Студентски збор„ Скопје, 1988.
  17. Вукосава Донева: „Нова Македонија„ Скопје, 28.05.1971.
  18. Миодраг Друговац: Од Мисирков до Рацин, „Просветно дело„ Скопје, 1975, стр. 55.
  19. Ибид. стр.58.
  20. Ибид. стр. 66.
  21. Блаже Ристовски: „Одразот на мелодрамата Срешта во современиот македонски фолклор„ „Рад„ 17. конгрес савеза и удружења фолклориста Југославије, Пореч, 1970, Загреб, 1972, 211 – 215. „Народната песна како основа на мелодрамата Срешта од В. Чернодрински и нејзиниот одраз во современиот македонски фолклор„ „Македонски фолклор„ Скопје, бр. 9 – 10, 1972, стр. 215 – 229.
  22. „Македонски вести„, Софиа, г.2 бр. 59. јуни 1936. стр. 1.
  23. Христо Георгиевски: Историја и поетика македонската драма, “Матица македонска”, Скопје, 1996. стр. 42.
  24. Јован Д. Костовски: Дела и изведби, „Култура„ Скопје, 1973.

Д- р Јованка Друговац
/овој текст го објави и „Театарски гласник„ Скопје, бр.53 – 56. 2002. стр. 46 -52/