Сто дваесет и пет години од смртта на Партенија Зографски
Јованка Стојановска Друговац
Институт за македонска литература, Скопје,2001
ЗНАЧЕЊЕТО НА ПАРТЕНИЈА ЗОГРАФСКИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРНА ИСТОРИЈА
....На 22 ноември 1976 година во МАНУ беше одбележена 100 годишнината од смртта на партениј Зографски. Тогаш, почитта кон него ја искажаа Харалампије Поленаковиќ и Блаже Конески. Денес, повторно во храмот на македонската наука и уметност почитта ја искажуваат други генерации. Тоа укажува дека македонската наука не ги заборава и ги почитува сопствените вредности. /.../
Домот на Василко Тризлоски Павле го прослави неговиот син. Кога во 1818, 1819 или можеби во 1820 година Василко доби син, веруваме дека не помислуваше: неговото име, благодарение на неговиот син ќе се спомнува и ќе се памети со децении и векови. Сигурно е, исто така, не помислуваше дека токму неговото чедо ќе стане најјучениот човек во Македонија во своето време. Но, тоа се случи! Почитуван, образуван, автор на десетина објавени книги и бројни печатени трудови во цариградските весници и списанија. Павле Тризлиски Хажиоски вложи огромна енергија и одигра значајна улога во просветното издигање на нашиот народ. Еден е од оснивачите и прв наставник во првото богословско училиште во манастирот Зограф на Света Гора. Познати се неговите иницијативи и заложби за школување на Македонци во Русија, иницијативите за формирање на првото училиште на народен јазик во Охрид, улогата во оснивањето на словенскиот оддел во печатницата на Кирјак Држилович во Солун. Неговото име е поврзано и со Кукуш, како прв владика.
Заслугата во формирањето, школувањето, трасирањето на неговата животна патека му припаѓа на архимандритот Анатолија Зографски. Павле ги послуша неговите совети и го испраќа својот син на школување. Манастирот Јован Бигорски е местото на совладувањето на писменоста а градот Охрид е местото во кое Партенија е ученик на Димитар Миладинов. Оттогаш, сиот живот пријателувал со струшките браќа. Имено, во манастирот Зограф, Константин го учи рускиот јазик а негов учител е токму Партенија. Во ноември 1856 година Константин заминува на студии во Москва а заслугата за тоа му припаѓа на Партенија. Меѓутоа, години подоцна, Партенија повторно ја нуди својата материјална и морална помош и подршка на браќата Миладиновци. Но, овојпат неговата борба е безуспешна. Тој не успеал да ги ослободи своите пријатели од цариградските зандани.
Името на Зографски е поврзано и за Дечанскиот манастир, Призрен, Солун и грчкото класично училиште. Кога зборуваме за ова време и за Солун, секако мораме да се потсетиме на првиот македонски печатар Теодосија Синаитски и повторно на рхимандритот Анатолија Зографски. Нив ги поврзува книгата Началное учение со молитви утрен, објавена во 1838 година, која Партенија ја објави како трето преработено издание по 20 години во 1858 година.
Партенија Зографски се школува во Цариград и во Атина во која заминува во 1939 година „по покана на покровителот Анатолија Зографски, кој беше станал свештеник при црквата на руското пратеништво, при онаа црква во која десет години подоцна Глигор прличев го имаше оној непријатенинцидент со клисарот, инцидент кој предизвика две темпераментни песни испеани од Прличев во лутина, и еден жолчен напад во стихови од професорот на Прличев„1) Воден од својот покровител, Партенија се закалуѓерува во манастирот зограф и оттогаш го добива името Партенија кому му го додава и презимето Зографски, според манастирот. Неговото школување продолжува во Кипријановскиот манастир /1843/44/, Кишинската духовна семинарија, Киевската семинарија, Московската духовна академија /1846/1849/50/. Со завршувањето на богословските студии ёпартенија станал архимандрит, учен, познавач на неколку јазици: рускиот, грчкиот, латинскиот, еврејскиот, старохалдејскиот, а францускиот јазик го учи во париз и кај Димитрија Миладинов.
Последниот странски град во кој престојува Партенија е Петроград. Со нарушено здравје во манастирот Зограф предава црковни предмети, граматика, географија и аритметика. Овде, во манастирот, повторно е во контакт со Константин Миладинов кој ја совладува словенско руската граматика и синтаксата. Партенија учителувал и во богословското училиште на островот Халки кај цариград каде предавал црковно словенкси јазик/1853/. Меѓутоа, зографскиот манастир е неговото судбинско место: „своето знаење и учителската опитност ги искористи во борбата на јазичното поле, којашто се водеше ред години пред тоа и во која од македонските луѓе што ги сметаме за преродбеници најактивно учество земаше борбениот велешанец Јордан Хаџи Константинов Џинот, кој на свој мајчин јазик пишуваше не само разни книжевни состави и статии од областа на јазикот и правописот„.2)
Имено, во ова време започнува научната филолошка и учебникарската дејност на Партенија Зографски. Тука започнува и неговата борба за независна словенска црква. За епископот кукушко полјански и митрополитот нишавски дознаваме и од сведоштвата и писанијата на неговите биографи Лазар Димитров 3) и Филип Томов 4) , но и од подопцнежните проучувачи на неговата дејност. Блаже конески рече: „ Тој се обиде и теоретски да го постави прашањето за каков треба да биде писмениот јазик што ќе се употребува во Македонија„5) Според него, партенија е „ прв наш човек со извесна научна концепција за јазикот, со една система од погледи за народните говори и нивниот однос кон литературниот јазик, човек што навистина во тоа време можеше да придонесе за разработката на македонската граматика.„6)
Партенија е вљубеник и почитувач и на македонскиот фолклор. Но, неговиот интерес не запира тука. Познат и значаен е неговиот превод /еден од првите/ на Пространото климентово житие од Теофилакт Охридски, значајни се неговите Наравоучителни совети преку кои учи на морал, етика и патриотизам.
Партенија Зографски имал подршка за својата дејност. Неговите истомисленици, неговите пријатели се радувале на неговите успеси. Да се потсетиме на песните нему посветени од Рајко Жинзифов /„питснје и одговор„ и „Гулаб„/7) испеани во чест на неговото именување за владика. Меѓутоа, Партенија имал и бројни непријатели. За нападите врз него сведочи Андреја Петковиќ, како и А.В.Рачански....
Наклеветен, осамен, отстранет од митрополитската столица партенија Зографски умира на 7 фебруари 1876 година во цариград. Делото никогаш никому не може да биде одземено. Борбите водени за доброто на својот народ, истиот тој народ ги почитува и возвеличува. Сосема во право и безмалку видовито Рачински за партенија Зографски рече:„ него ќе го фалат потомците„.
Фусноти:
- Др Харалампие Поленаковиќ: Во екот на народното будење, Скопје, 1973, стр.183 – 197.
- Харалампие Поленаковиќ: „Преродбеникот партенија Зографски„, во: Зб. Свечем собир посветен на 100 - годишнината од смртта на Партенија ЗОграфски, МАНУ, Скопје, 1977,стр.9.
- Лазар Димитров: Обштествената и книжовната дејност на Хаджи Партени Зографски, Извести на семинара по славјанска филологи при Университета в Софиа за 1904 и 1905, стр.359 – 380.
- Филип Томов: Живот и деиност на Хаджи Партени, архимандрит Зографски, епископ кукушко полјански и митрополит нишавски:„македонски преглед„ 10,1 и2, 1936,стр.31 -100.
- Блаже Конески: Кон македонската преродба, Македонските учебници од 19 век, Скопје, 1959, стр.30.
- Ибид,стр.32 -33.
- Во:„Братски труд„, Москва, 1860,кн.1.12 – 16; „Б лгарски книжици„ Софи , ноември 1860,стр.22.
Д-р Јованка Друговац
4.04.2001
МАНУ,Скопје