Jovanka Drugovac Jones    D-r po filoloski nauki
Makedonski
English

90 години од раѓањето на Никола Вапцаров

Јованка Стојановска Друговац

Васил Тоциновски

Институт за македонска литература, Скопје, 2001

Devedeset godini od raganjeto na Nikola Vapcarov Поздравен говор
Почитувани дами и господа

Оваа земја има синови израснати во Личности, маркантни фигури, горостаси со вечна слава и за вечна наша гордост!

На 30 ноември 1999г. во МАНУ, Институтот за македонска литература заедно со академик Матеја Матевски и проф. Др Георги Сталев ја одбележа 60 годишнината од објавувањето на по обем малата но бескрајно големата и извонредно значајната стихозбирка Бели мугри на даровитиот велешанец Коста Рацин.

Денес, во декември, кога не делат 90 години од раѓањето на великиот наш поет Никола јонков вапцаров, ИМЛ заедно со акад. Блаже Ристовски и акад. Гане Тодоровски во таа чест ја искажува сета поќит кон една личност и едно дело.

Денес, сите заедно празнуваме во чест на македонскиот син, синот на Иван и Елена, во чест на човекот кој „и по чувство и по акција и по содржинска означеност на својата поезија е Македонец„ (Никола Јонков Вапцаров: Творби, помакедончил Гане Тодоровски, „Мисла„ Скопје,1993.стр.8)

Во чест на еден талент, култура и една фанатична предаденост на литературата како што за него пишуваше Митрев. (Димитар Митрев: Есеји и критике „Народна књига„ Београд, 1975,стр.228.)

Вапцаров или Багрицки, како и многумина наши дејци, имаа кратка животна патека. Рацин, својата патека ја опсипа со бисер, а патеката на Вапцаров е сведоштво, разговор со душата, тестамент, достоинство, збор без приговор, верба, светлина, идеја, суштина на времето, целта и смислата на човекот во тоа време.

Вапцаров останува „во целото свое толку величенствено поминување во овој свет, восхитно доследен на својата поезија, а неговата поезија тотално доселдна на неговиот живот „ (Георги старделов: Кон Вапцаров, во Никола Ј. Вапцаров, творби, избор и предговор гане Тодоровски „Мисла„ Скопје, 1993, стр. 335). Најдлабоките траги во творечката патека Вапцаров ги оствари во поезијата преку која реторички протестира, страсно коментира и укажува, посочува и докажува како земјата се сака.

Револуционерен, пролетерски поет, машински техничар, работник, ложач на железничка локомотива, нескршлив борец за работничката иднина, еден од иницијаторите на литературниот весник „литературен критик2, душа на Македонскиот литераурен кружок Вапцаров, заедно со Попов, Романов, го заврши овоземниот живот и, премина во Легенда.

Блаже Ристовски запиша: „Вапцаров се чувствуваше, се бореше и умре како Македонец и пишуваше со полна свест оти создава македонска национална литература, макар и на јазикот на своето образование и воспитание„. (Блаже Ристовски: Портрети и процеси од македонската и национална историја „ кн.2. „Култура„ Скопје, 1989, стр. 494) (....)

Вапцаров е во нашиот спомен и нашата свест и „секогаш ќе биде близок до нас и со својата прекрасна поезија за македонската наша земја, со својата одана синовска љубов кон неа, кон нејзината вековна борба за слобода и национално оцелокончување„ одамна запиша Митрев.

Мисирков рече дека науката и литературата се најважни фактори во развивањето на еден народ, а Вапцаров рече дека „ние сме должни да работиме за создавање на македонска литература, дека треба да ја разгоруваме националната свест на македонците и дека светот треба да разбере дека ние сме одделна нација, одделен народ„.

Вапцаров, како еден од најистакнатите афирматори на македонската национална мисла пееше во времето кое не беше за песна:

Не, сега не е за поезија
И да сакаш, не можеш да пееш!

Во неговото обраќање кон историјата тој ја запрашува:

Ти дали ќе ни речеш фала
За сите настани и жртви,
Кои за тебе сме ги дале
Со животите ни толку мртви

Денес, сите ние, сме историја, денес ние го водиме разговорот со неа и во тоа име одговараме со Благодарност и името на вапцаров во Историјата го потврдуваме со почит.

Д- р Јованка Друговац
НУБ Св.„Климент Охридски„ Скопје 9.12.1999г.

 

 

НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ - КАКО ПОЕТ ЗА ДЕЦА
(Банско,1909 - Софија, 1942)

 

Народите кои имаат личности како Вапцаров растат во очите на светот

К. Салвадоре

 

Македонија беше цела во Вапцаровото срце. Тој ја сакаше безгранично многу и преку таа безгранична љубов - го сакаше и светот

Д. Митрев

 

Личноста и делото на Никола Јонков Вапцаров претставува обединување на, како што Димитар Митрев вели (Димитар Митрев: Вапцаров, 1954)„подвиг од поезијата и подвиг од животот„ Од причини што своите дела ги напишал на бугарски јазик , тие и припаѓаат и на бугарската книжевност, како што, легитимно и припаѓаат и на македонската книжевна историја. Миодраг Друговац пишува дека „во македонската наука за книжевноста (Миодраг Друговац, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски и др) проблемот на неговата припадност е разгледуван и решаван дијалектички , со аргументи од животот и работата на самиот Вапцаров, неговото творештво, неговата раководна улога во дејноста на македонскиот литературен кружок , сведоштва на неговите најблиски соработници (Ангел Жаров, Антон Попов, Димитар Митрев) 1)

Професорот Гане Тодоровски запиша дека „творештвото на секој голем поет му припаѓа на светот, така и вапцаров е македонски и бугарски и балкански и европски и светски„ 2) Вапцаров, како еден од најистакнатите афирматори на македонската национална мисла , пееше во времето кое не беше за песна (не, сега не е за поезија/ и да сакаш, не можеш да пееш!). Тој останува во „целото свое толку величенствено поминување во овој свет, восхитно доследен на својата поезёија, а неговата поезија тотално доследна на неговиот живот„ (Георги Старделов: Кон Вапцаров, во: Никола Јонков Вапцаров, творби, избор и преговор Гане Тодоровски, Мисла, Скпје, 1979, стр. 335). Најдлабоките траги во творечката патека Вапцаров ги остави во поезијата преку која реторично протестира, страсно коментира, укажува и докажува како земјата се сака. Стефан Хермлин рече дека „Вапцаров го повтора животот, бранувањата, преживувањата на поетите, кои исто како него загинаа во борбата или изгореа во пламениот копнеж по неа. Помислиме ли на Вапцаров, мислата не поведува кон Шели и Бајрон, кон Бихер и Летарди.„

Во јуни 1937 година „Железничарски подем„ 3) го објави првиот дел од поемата „Возот„ на Никола Јонков Вапцаров. Пет шест - децении по настанувањето на оваа поема, како порано со песните на Прличев, Гане Тодоровски ја подготви, стиховите ги помакедончи и со предговорот „Вапцаров како детски поет„ во 1993 година поемата ја објави. 4) Освен поемата “Возот„ оваа книга ги содржи и песните „Стрико Јоне„ „Деноноќно врне снег„ „Врабешката зговорна дружина„ „Машинист„ „Утринава, рано в зори„ Тетратката за формулари на Вапцаров на 42 листа од кои 19 листа се со авторовите текстови ја содржи статијата „Театар и публика„, химните „Неспирно напираи„ и „огромен град све звезден покрив„ првата редакција на поемата „Влак„и неколку песни за деца. Песните од оставнината на Томо Смиљаниќ Брадина, поетскиот опус за деца на Вапцаров, како и опусот за деца на Спространов кој неопходно налага да биде истражен, би претставувал едно заокружување, преглед, увид, книжевноисториска синтеза на творештвото за деца и младина. Гане Тодоровски посочува дека „Вапцаров пишува детски стихотворби во текот на 1937-та година и 1941-та година„.5) Според професорот Тодоровски, тоа не е случајно. На поетот му било наложено да се вклучи во културно масовната дејност на вработените во железно патниот транспорт, Вапцаров почна да ја пишува поемата„Возот„. Всушност, доколку се потсетиме дека Вапцаров го завршил морнарското машинско училиште, зачудува неговата творечка побуда, неговата човечка и творечка драма на една „нова релчигија, моралот на брзината„. И покрај фактот дека поемата настанала по барање, налог, потреба, сепак стиховите на Вапцаров не ни ја откриваат таа наложност. За неа дознаваме од исказите на партискиот секретар при ЖП-депото во Софија, Тодор Михајлов. Имено, по зададената задача, Вапцаров требал да создаде песни како политичка пропаганда на работничката класа. Меѓутоа, Вапцаров воопшто не создал стихови какви што од него беа барани или, какви што порачателите очекуваа да слушнат. Наместо тоа, тој создал искрени, вистинити, животни сугестивни песни со што ја потврди својата поетска сугестивност и лиричност. Тука несомнено мораме да се потсетиме на мислењето на професорот Миодраг Друговац кое гласи: „ Вистина, лиричар, со класна теза, сцијална идеја, но хуманист и уметник„ 6)

Доста игри, доста песни!
Над гората, в планината,
Брезгавината се спушта.
Ползи мракот, не се слуша,
Висат сиви,
Дождливи,
Мрачни, злосни
Маглиштана бурносни„

Во песните на Вапцаров не пее само машината. Пее и природата. Тие во песните се спојуваат, создаваат единство на човечката желба, потреба и неминовности за освојување на далечните простори. Врпчем, „Возот„ е симбол на човекот и општествениот напредок. Тој е транспарент на умот, транспарент и трансмисија на движечката сила.

Лета човек в простор мрачен,
Лета возот преку светот.
Тежи сводот наоблачен.
Вие луто кијаметот.

Користејќи ја алузијата, параболата, ономатопејата и катренот ангажираниот стих на Вапцаров е лирски ефектен. Неоспорно е дека, како и Брадина, тој е педагог со теза. Меѓутоа, низ својот стих тој воопшто не држи лекции. Неговиот стих е поучен, интересен и прифатлив за детската возраст.

Летале во ескадрила
Ко воздушна велесила.
Бомбардери сивоперци
И ловџиски екстра - стрелци
(„Врабешката зговорна дружина„)

Третата песна во Црвениот бележник на Вапцаров е песната „Воина„ која е всушност втора варијанта на песната „Врабчова зговорна дружина„ 7) Разликата помеѓу песните е во скратувањето на само една строфа. Во Првиот бележник на Вапцаров, во кој се наоѓа варијанта на „Воина„, се наоѓаат и шесните „Маика„ и „Думи„ објавени во истиот број на Занаетчиска корпорација, беседа со песната „Воина„. Борбата за опстанок помеѓу старата надмоќна врана и малите врапчиња е алузија на единствениот излез за опстанок на „малите„ наспрема „големите„ сили.

Користејќи ја алузијата, во песните на Вапцаров, зборува машинистот, но и машината:

Јас сум стрела молневита
Низ маглите густи идам.

Песната „Машинист„ 8) е ода на взаемната љубов помеѓу синот и таткото, но и почит кон работата.

Песните за деца на Никола јонков Вапцаров се прифатливи од страна на малиот и младиот читател. Тоа е, можеби и поради фактот што Вапцаров не можел да биде, остане, имун и да го апстрахира или да го остави на страна сопственото детство. Некои од неговите песни се описи на неговиот сопствен детски, доживеан или отсонуван свет. Од тој свет, преку неговите песни детето треба само да извлече поука. Вапцаров не ги исмејува своите негативни јунаци („Стрико Јоне„) како што не ги возвеличува ни добрите дела, ниту позитивните личности во своите песни. Детето е тоа кое треба да ги открие, да ги разбере и почуствува постојните зла и добрини во секој човек и во опкружувањето. Оттука, повторно се потврдува тезата дека Вапцаров не држи лекции, не го потенцира оној „благороден труд на железничарот и неговата готовност за жртва во службата на општеството„. 9)

Песните за деца, сосема точно, според гане Тодоровски „не се во сенка на неговите, како би се рекло, песни за возрасни„ 10) но, исто така, сосема е исправно становиштето на Миодраг Друговац кој вели дека во овие песни „има наивност па и некој невешт стих„ 11) Прифатливо е и инспиративно и мислењето на Димитар Митрев искажано во 1947 година, во кое вели дека Вапцаров е „ретко културен човек (...) ја имаше и таа безусловно потребна условност на вистински творец, а имено неговата грижлива и задлабочена работа над целокупната изградба на стихот. Доследен ученик на својот голем учител Мајаковски која ја разбираше поетската работа навистина како вадење на грам радиј, коешто значи, да пронајде израз што да тежи како нешто целосно и завршено, причината беше во она малку време што можеше да го исполнуе за поетска работа. Но и тоа што тој успеал да ни го остави како литературно наследство и коешто беше родено во оние безрадосни ноќи кога крадеше од сонот, за нас, неговите искрени почитатели, тежи навистина како нешто богато, целосно, драгоцено„. 12)

И како што се ликот и делото на Рацин, Неделковски, литературни митови и побуди за нови поетски остварувања , така Вапцаров побуди нови простори за создавање на дела посветени нему во негова чест. Трајан петровски и Адам Пусловиќ се автори на песните со наслов „Вапцаров„. 13)

Во овој контекст, пишувајќи за творештвото за деца и младина на Никола Јонков Вапцаров мораме да спомнеме дека тој е автор на уште , засега позната, збирка песни за деца. Имено, по Втората светска војна во Бугарија е објавена збирката под наслов „Пролет„. Тоа укажува дека вапцаров не е случаен и не е инцидентен автор во овој книжевен жанр.

Имено, како поет за деца и младина Вапцаров се јавува и во 1949 година кога е објавен поетскиот избор под наслов „Пролет„ 14) Четири години потоа (1953) 15) под наслов „Пролет„ објавени се песните во првиот циклус „Ше сторим завод„ Писмо„ „Испаниа„ „Пролет„ „Не бојте се деца„ „Песен„ „Ботев„ „Химни„ „Думи„ „Спомен„ и „Борбата е безмилосно жестока„; вториот циклус ја опфаќа поемата „Влак„ и песната „Машинист„ ; третиот циклус со наслов „Врабчова зговорна дружина„ всушност ја претставува истоимената песна.

Трудот и социјалната неправда опеани се и во песната „Не плашете се деца„. Преку тажните и гладни деца потенцирана е вековната делба на луѓето , на сити и гладни, богати и сиромашни, потенцирајќи ја, уште повеќе, преку сопствениот лик на старец, неизгубената вера во подобро утре:

Работиме многу,
Работиме од утро до мрак
/.../
И животот тогаш
Радосно знаеме ќе вее, денешната мемла
Ќе биде сал далечен спомен.

За еден нов свет, за подобар утрешен ден пее во песната „Ќе градиме фабрика

Ќе градиме фабрика,
Огромна фабрика,
Со цврсти бетонски ѕидови.
Мажи и жени
Неброени,
Ќе градиме фабрика на животот.

Вербата и зборот „Зборови„ е тој што може да влијае на човекот, болката, срцето, иднината, на слободата:

Има зборови што мигум го кршат
На срцето титот тврд и корав
И отров наливаат и вршат
Пакост забите и жлездите да сгарат.

Вапцаров пее за оние грди, предавнички зборови од кои човекот избувнува како пламен. Меѓутоа, постои збор што ги руши сите бариери, кој отвора златни порти („Химна„) збор како детски победнички марш, збор величенствен и еден:

Град огромен, со покрив звезден
И сонца електрични без број

За вербата, зборот, љубовта кон татковината, тешкиот „бесмислен„ живот, Вапцаров размислува соочен со смртта, во миг на борба со самиот човек, во мигот на распетие меѓу животот и смртта:

Рафал и смрт...а потоа црв,
Тоа е толку логично и грубо,
Но, во луњата ќе сме пак со тебе
Мој народе, бидејќи си се љубевме.

Рековме дека Вапцаров не е инцидентен авотор во овој книжевен ќжанр. Тоа пак, многу пати искажаното становиште дека на македонската книжевна историја и останува должност, чест и задоволство, задача и неопходност од перманентните, студиозни, сеопфатни научни истражувања, докомплетирања, доосветлувања на животите и делата на нашите дејци од периодот меѓу двете светски војни. Нималку лесна задача, но, само така може да се спојат алките на развојот на нашата литература и на литературата за деца и младина. Но, притоа, при давањето оценки, судови, мислења, ставови, погледи мора да се има на никогаш се не е до крај истражено. Секогаш или понекогаш на виделина излегуваат нови дела, делови од творби. Впрочем, сето тоа се должи и на времето на нивното настанување (политички, социјални, економски, културни услови...бројни списанија и весници во земјава и во странство, во кои авторите објавувале, бројни странски архиви кои треба да се прегледаат за да се даде „конечен„ суд). Ова секако се однесува и на творештвото за деца на Вапцаров.

 

Живот

Вапцаров е прво дете на Иван (Јонко) Вапцаров и Елена Везјова. Во Разлог го завршува 4-от клас гимназија и по желба на неговиот татко заминува во Варна каде во 1932 година го завршува морнарското машинско училиште. Работи како машински техничар во еден бугарски трговски пароброд, патува во Цариград, Александрија и Каиро. Од ова време, под влијание на овие патувања настана неговата поема „Писмо„. Воден од желбата и од потребата да е поблиску до народот и неговите страдања, Вапцаров го напушта морето и работи како машински техничар во фабриката за хартија во с. Кочериново, каде, поради својата политичка активност ја губи работата, а како последица на тоа неколку месеци е без работа и живее на работ на егзистенцијата. Материјалната положба, болеста, полициските прогони го принудуваат да прифати каква било работа. Во овие тешки животни услови Вапцаров е активен во литературниот и партискиот живот. Еден е од основачите на литературниот весник „Литературен критик„, како и на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938 – 1941). Но „дојде нападот на Хитлерова Германија над Советскиот Сојуз и весникот беше спрен од цензурата. За Вапцаров имаше сега само еден излез: да ги посвети сите сили на антифашистичкиот отпор (...) и сета своја активност да ја стави во служба по организирањето на миноподривата саботажачка дејност /../ после неколку месечна саботажачка работа Вапцаров беше уапсен од фашистичката бугарска полиција (...) на 23 јули 1942 година после нечуени инквизиции (...) беше стрелан на гарнизонското стрелиште во Софија„ (Димитар Митрев: „Творечкиот лик на Никола Јонков Вапцаров„ „Нов ден„ Скопје, бр.6, јуни 1947, стр.21)
Никола Јонков Вапцаров е автор на поетските книги Моторни песни (Софија,1940), Антологија (Софија, 1946), драмата во тру чина Деветиот бран 1935 која е кај нас прикажана по Втората светска војна. Исто така, Вапцаров е автор и на песните: „Химери„ Таинството на белото утро„ Тага„ „Сон во планината„ „Далеку над бродот платната се веат„ „Вера„ „Романтика„ „Песна за човекот„ „Реферат„ „Зборови„ „Историја„ „Рибарски живот„ „Историја„ „Не, сега не е за поезија„ „Клучот„ „Денот„ „Под заод„... Својата прва песна Вапцаров ја објави во трезвеничкиот весник „Борба„ (15 јуни 1926). Со тоа, првата фаза на неговото творештво би требало да се прошири на периодот од 1925 до 1934 година, според радомир Ивановиќ („Спектар„ Скопје г.4. бр. 8. декембри 1986.стр.64).

До денеска, името на Вапцаров, преку неговите творби, се појавило на стотина јазици во светот. Овде, пред се, мислиме на неговите песни. Вапцаров или Багрицки, како и многумина пред него и по него, вистинсклата слава и признание не ја доживеа за сопствениот живот. Во неговиот случај, „со непоимлива брзина, само неколку години од неговата смрт, славата му се разнесе по сите меридијани на светот, го прифатија и го присвоија над стотина јазици и литератури ширум светот (...) (Гане Тодоровски). Во 1952 година, помеѓу 72 кандидати Вапцаров ја доби почесната награда за мир.

Никола Јонков Вапцаров е во нашиот спомен и нашата свест и како што Димитар Митрев рече „тој секогаш ќе биде роден и близок до нас и со својата прекрасна поезија за македонската наша земја, со својата одана синовска њубов кон неа, кон нејзината вековна борба за слобода и национално оцелокопнување„.

Фусноти:

  1. Миодраг Друговац: Македонската книжевност за деца и младина (од Џинот до Чинго) „Детска радост„ Скопје, 1996, стр.60. Во книгата е направена печатна грешка: наместо А. Панов треба да стои А. Попов.
  2. Никола Вапцаров: Творби, избор и предговор Гане Тодоровски, „Мисла„ Скопје, 1979. стр.5
  3. „Железничарски подем„ г.1.бр.7. Софиа, 1937 („Весниче за железничарски деца„) Никола Вапцаров „Влак„ поема за деца, издателство Блг. Работническа партија (комунисти) Младежки отдел, Софиа, 1947. Никола Вапцаров „Влак„ 2 издание, изд. Блгарски художник, Софиа, 1984.
  4. Никола Вапцаров: „Возот„, помакедончил Гане Тодоровски „Детска радост„ Скопје, 1993.
  5. Бојка Вапцарова: Ракописно наследство на Вапцаров, Софиа.1982.
  6. Миодраг Друговац: нав.дело.стр.64.
  7. Н. Вапцаров: Воина.Занаетчиска кооперативна беседа, Софиа, г.12. кн.5. 1 февруари 1941: Никола Вапцаров Врабчова зговорна дружина, изд. Блгарски писател, Софиа. 1965.
  8. Никола Вапцаров: Машинист, занает. Кооперативна беседа, Софиа, кн.8. 1 март 1941. стр. 6-7.
  9. Коларов: Зборник Никола Вапцаров, Софиа, 1947.
  10. Никола Вапцаров: Возот, помакедончил гане Тодоровски „Детска радост„ Скопје, 1993.
  11. Миодраг Друговац: нав. Дело. Стр. 66.
  12. Димитар Митрев: „Творечкиот лик на Никола Вапцаров„ „Нов ден„ бр. 6 јули 1947. стр. 44. Митрев е еден од најзначајните македонски литературни историчари и критичари кога е во прашање усвојувањето на опусот на Вапцаров.
  13. Радомир Ивановиќ: Писатели и дела „Култура„ Скопје, 1984, стр. 54.
  14. Никола Вапцаров: Пролет, Стихове за ионоши, изд. Детиздат. Софиа, 1949.
  15. Никола Вапцаров: Пролет, Избрани стихове за ионоши, изд. Народна младеж, Софиа, 1953.

Д- р Јованка Друговац
НУБ Св.„Климент Охридски„ Скопје 9.12.1999г.